Топ
Скопјанец паднал по скали од објект во изградба и починал на место

Шеесет и четиригодишен маж од Скопјанец паднал по скали од објект и починал на лице место.
Според пријавеното, Д.Н. вчера бил во посета кај сопственикот на објектот во изградба на улицата „Илија Димовски Гоче“ во Скопје, со кого биле во роднински врски и додека се симнувал по скалите паднал и од здобиените повреди починал на лице место.
Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Вреди“ до ДУИ: Доста со лаги, Албанците не се бројки за манипулација, ниту нули за игнорирање

Секојдневно, ДУИ шири ниски и бесрамни лаги против владењето на „Вреди“, обидувајќи се да ја измами јавноста со празни тврдења за наводно намалување на застапеноста на Албанците во институциите. Но вистината е поинаква, а фактите говорат јасно, велат од „Вреди“.
Како што додаваат, истата таа ДУИ што денеска зборува за застапеност, била 20 години на власт и за тоа време ги оставила Албанците со нула застапеност во многу клучни државни институции.
„Еве неколку докази за оваа хипокризија:
0 Албанци во Специјалната единица „Тигри“
0 Албанци во Специјалната единица „Волци“
0 Албанци во Единицата за брза интервенција
0 Албанци во Дирекцијата за слободни економски зони
0 Албанци во Академијата на науките
0 Албанци во Агенцијата за филм.
ДУИ нема право да зборува за застапеност, таа е партијата што ја предаде Охридската рамковна спогодба и крвта на мачениците кои се бореа токму за правична застапеност и еднаквост во секоја институција“.
Според „Вреди“, за ДУИ, Албанците во овие институции биле еднакви на нула.
„Вреди“ нема повеќе да дозволи лагите да станат стандард. Ќе продолжиме да ја кажуваме вистината, да ја разобличуваме секоја институција каде Албанците се исклучени и да работиме за вистинска еднаквост.
А колку „Вреди“ се грижи за Албанците, покажува и фактот што само за една година владеење го донесуваме Законот за правична и соодветна застапеност, кој покрај подобрувањето на застапеноста, гарантира и поквалитетен кадар, професионалци со реално влијание во носењето одлуки“.
Албанците не се бројки за манипулација, ниту нули за игнорирање.
ДОСТА СО ЛАГИ! ОТКРИЕНИ СТЕ!
Македонија
Активни девет пожари во државата: се уште гори во Чучер Сандево, Визбегово, Дојран, Македонски Брод

Центарот за управување со кризи информира дека во моментов се активни девет пожари, меѓу нив и пожарот на депонијата во Визбегово, како и во Чучер Сандево.
Од ЦУК напоменуваат дека пресекот е изработен врз основа на информации од регионалните центри. Од Регионалниот центар – Скопје се добиени податоци само за периодот од 20:00 до 07:00 часот.
Состојба со пожари на отворен простор (09/10.07.2025 до 07:00 часот)
Вкупно активни пожари: 63, од кои:
• Активни: 9
• Под контрола: 4
• Локализирани: 1
• Изгаснати: 49
Активни пожари (9):
1. Чучер Сандево – Блаце (ниска вегетација)
2. Шуто Оризари – с. Визбегово (депонија)
3. Прилеп – с. Бешиште, м.в. Бешишки Рид (мешана шума)
4. Македонски Брод 1 – помеѓу с. Црешнево и с. Локвица (дабова шума и грмушки)
5. Македонски Брод 3 – с. Рамне (ниска вегетација, пожар проширен од фабрика „Самоков“)
6. Македонски Брод 4 – с. Слатина (мешана шума)
7. Македонски Брод 5 – с. Ковче (мешана шума)
8. Чашка – под Солунска Глава, м.в. Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (чад во карпест дел)
9. Дојран – с. Николич (нискостеблеста шума)
Локализиран пожар (1):
1. Кочани – м.в. Бабиште, помеѓу с. Јастребник и с. Полаки (ниска вегетација и мешана шума)
Пожари под контрола (4):
1. Делчево – Градска депонија „Острец“
2. Виница – с. Драгобраште (ниска вегетација и нискостеблеста шума)
3. Крива Паланка – с. Градец и с. Лозаково (борова, дабова и багремова шума)
4. Желино – с. Ларце – различна локација (мешана шума)
Изгаснати пожари (49):
• Скопски регион: Гази Баба (Смилковско), Шуто Оризари, Куманово (11 локации), Чучер Сандево
• Пелагониски регион: Прилеп (7), Битола, Могила, Крушево (2)
• Вардарски регион: Велес (5), Кавадарци, Росоман
• Источен регион: Кочани, Виница, Делчево, Пробиштип (3), Чешиново-Облешево
• Североисточен регион: Ранковце, Кратово, Старо Нагоричане (2)
• Југоисточен регион: Радовиш, Ново Село, Дојран
• Повардарски регион: Свети Николе (3)
• Полошки регион: Желино (2), Теарце, Гостивар, Јегуновце.
Спорт
Вимблдонска приказна која треба да ја прочитаат Сиљановска и Мицкоски: Чилеанец со македонско потекло, кој се гордее со тоа

Од специјалниот известувач од Вимблдон
По скандалите со доделувањето на македонски пасоши на белосветски криминалци и нарко-босови, вистински потег на највисоките македонски државници во враќањето на дигнитетот на овој симбол на македонската државност би бил да им понудат македонски пасош, па и титула почесен конзул, на членовите на едно успешно чилеанско семејство, кое не само што не ги заборавило своите македонски корени, туку и се гордее со нив.
Себастијан Варела Намиас е 35-годишен новинар од Чиле, кој последниве години работи како тениски новинар за порталот Клеј тенис од Сантијаго, иако не е фокусиран само на таа област. Неговата професионална кариера е исполнета и со други понезабавни работни ангажмани од оние кои ги носат спортските настани и патувањата по најголемите гренд-слем турнири и Олимписки игри. Во 2017. година ја добил наградата за истражувачка сторија, која ја направил со неговата колешка Наталија Кореја и која се однесувала на одредени неправилности во чилеанската армија. Од пред еден месец, новинарската биографија му е побогата за уште едно престижно признание: добитник е на наградата „Том Перота“ за тениско новинарство за 2025 година, која ја доделува Меѓународното здружение на тениски писатели (ITWA).
Талентот за убаво пишуван збор смета дека го наследил од неговата баба Грасиела Контрадор, која била позната писателка на фантастични романи во Чиле.
Овој дипломиран студент по журналистика од Универзитет Католика во Сантијаго, го запознав сосема случајно во 2019 година, на првиот ден од турнирот во Вимблдон, кога ја правев анкетата меѓу известувачите за нивните предвидувања кој ќе го освои тревнатиот гренд-слем во Лондон.
Еден од соговорниците ми беше токму и Себастијан, кој на самиот крај од разговоро се заинтересира од каде доаѓам и за кој медиум работам. Кога слушна Македонија и Макфакс, ме изненади со неговиот коментар:
„И јас сум по потекло од Македонија, моите предци се дојдени во Чиле, од Монастири“.
Иако затечен од слушнатото, веднаш знаев дека имам занимлива приказна, која мора да биде споделена со читатлите на Топ Спорт и Макфакс. Во продолжение следи интересната исповест на Себастијан за потеклото на неговите предци и кога и зошто „отпловил“ нивниот параход од Битола за Чиле.
„Моето потекло е еврејско и моите предци се доселиле во Македонија од Шпанија во 15-тиот век, за време на прогонот на Евреите од католичката црква. Од тогаш, тие со генерации живееле во Битола, се некаде до почетокот на триесеттите години на минатиот век, кога на мојот прадедо, кој бил трговец, му се случила голема несреќа и во пожар му изгорел целиот имот. Поради тоа, тој решил да побара некое друго место за живот каде би го продолжил животот и би почнал да го развива бизнисот од почеток. Некој пријател му кажал дека добра земја за трговија е јужниот дел од Чиле и тој решил да замине таму сам, додека неговата сопруга, а мојата прабаба, со шесте деца останала да живее во Битола. После една и пол година и таа се преселила со децата во Чиле и таму започнале нов живот од почеток, во градот Балдивија. Мојот дедо, а таткото на мојата мајка, бил седмото дете на прабаба ми, роден е во Чиле и ја оженил баба ми Грасиела, која била писателка на фантастични романи“.
Истражувајќи ги своите корени, Себастијан открил дека многу од роднините на неговите предци останале да живеат во Битола и за жал сите страдале со почеток на Втората светска војна, кога Македонија била окупирана од бугарските фашисти. Голем дел од нив или биле погубени во Битола или однесени во концентрациониот логор Треблинка во Германија. Само еден подалечен роднина успеал да преживее.
„Гледано од подоцнежна временска дистанца, испаѓа дека несреќата на мојот прадедо да му изгори сиот имот, всушност била среќа, бидејќи се отселил во Чиле. Во спротивно, најверојатно и тој со прабаба ми и нивните деца би страдале од нацистите“.
Во тоа време, поради семејната трагедија во Битола, но и поради состојбата во цела Европа во време на нацизмот, Чиле навистина претставувал ветена земја за нов почеток. Децата на прадедото на Себастијан пораснале во Чиле, се школувале и почнале нов бизнис во областа на градежништво. Во раните педесети години ја формирале градежната компанија Намиас Херманос (Браќа Намиас), која денес е една од најголемите во Чиле и гради резиденционални објекти и ресорти на океанскиот брег на Чиле.
Меѓутоа, колку и семејното стебло да почнало да се разгранува, а успешно водениот бизнис да пружа материјална сигурност, тие никогаш не заборавиле од каде се нивните корени и од каде стигнале во Чиле.
„Еден од моите роднини има пишувано книга за нашето родово стебло и семејна историја, која почнува од Викторија, мајката на моите пра-прадедовци која живеела во Битола. Во таа книга има опишано многу детали од нивниот живот во Битола како и фотографии од тоа време. Сметам дека е многу важно луѓето да знаат од каде доаѓаат, и од каде им е потеклото. Тоа е причината зошто сакам да ја посетам Македонија“.
Културата на помнење е одлика на цивилизираните луѓе, а преку нив и на нациите на кои им припаѓаат тие. Дали посетата на Битола за Себастијан би претставувала само посета на уште еден град од многуте кои ги има посетено во својот живот или кај него ќе се роди посебен сентимент кога ќе прооди по улиците и сокаците по кои газеле неговите предци и кога ќе го види местото на кое била нивната родна куќа?
„Сигурно дека ќе имам посебно емотивно доживување. Некои роднини на мојата мајка веќе биле во Битола и ги посетиле деловите каде живееле нашите предци. Јас сум со авантуристички дух и многу сакам да ја посетам Битола и да чекорам по улиците за кои ќе знам дека некогаш во минатото тука чекореле и моите предци. И сигурно ќе го направам тоа. Сто проценти сум убеден“.
Како објаснува Себастијан, со кого од првиот ден почнавме да се обраќаме со „земјак“, веројатно поради неговото европско потекло, кога патува луѓето мислат дека е Италијанец или Грк, а не Чилеанец.
„Дефинитивно од сега ќе почнам да кажувам дека сум Македонец. Всушност, и порано често пати на моите профили на социјалните мрежи го ставав македонското знаме и луѓето мислеа дека сум од Македонија. Исто така, од сега понатака родниот град на моите предци нема да го викам Монастири туку исклучиво Битола“ – ветува Себастијан.
Разговорот го завршивме со верба во Бога за добро здравје и да се видиме на следниот Вимблдон, а потоа да се посети Македонија, и, секако, Битола.
До тогаш, како домашна задача, Себастијан прифати три обврски:
1. Да научи 100 збора на македонски јазик.
2. Да научи да ја пее „Битола, мој роден крај“, и
3. Да се одлучи дали ќе навива за Вардар или Пелистер.
Многу полесна задача од Себастијан имаат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски. Семејството Намиас заслужува да има македонско државјанство, а Македонија свој почесен конзул во Чиле!
Ненад Живановски-Столиќ