Топ
(Видео) Запленети четири вреќи со марихуана вредни околу 100.000 евра, дилерите при бегство оштетиле полициско возило
Полицијата спречила транспорт на речиси 35 килограми дрога, а во врска со настанот уапсени се две лица од скопско Арачиново.
Според надлежните, денеска, од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога и опасни материи – Единица за недозволена трговија со дрога, во содејство со Одделот за специјални полициски операции – САЕ „Тигар“, Оперативен тим Потраги при СВР Скопје и СВР Тетово, лишени од слобода се две лица од с. Арачиново, Скопско, при што е спречен транспорт на речиси 35 кг дрога.

Имено, во утринските часови на наплатната станица кај Тетово, на автопатот Гостивар – Тетово, полициски службеници дале знак за запирање патничко возило „ренџ ровер“, со скопски регистарски ознаки, управувано К. А. (32), во кое сопатник бил О. А. (23), двајцата од с. Арачиново, Скопско. Лицата не ја почитувале дадената полициска наредба да го сопрат возилото, туку се дале во бегство, притоа оштетувајќи службено полициско возило, но набргу се запрени и лишени од слобода.
При извршен преглед во багажниот простор на возилото пронајдени се 4 вреќи со марихуана, со вкупна тежина од речиси 35 кг, со вредност од приближно 100.000 евра. На самото место на наплатната станица кај Тетово излезе и јавен обвинител од ОЈО Тетово, кој го раководеше увидот. Малку подоцна, по добиена судска наредба, извршени се претреси и во домовите на двете лица во с. Арачиново, при што пронајдени се предмети поврзани со кривичното дело.

МВР против А. К. подолг временски период преземаше мерки и активности за негово пронаоѓање и лишување од слобода бидејќи за него е распишана централна потерница поради бегство од штипскиот затвор, каде што има за доиздржување затворска казна од речиси 6,5 години, а се барал и по расписи за извршени повеќе кривични дела, како шверцување мигранти и шверц со дрога, соопшти Сузана Прањиќ-Талевска од МВР.
Двете лица се приведени во СВР Тетово и против нив во текот на денот ќе биде поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори по член 215 од Кривичниот законик.
Денешната акција е уште една од низата акции на МВР во последниот период преземени во борбата против недозволената трговија со дрога и наркотични средства, но и многуте мерки и активности за пресметка со сите видови криминал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Бурата „Ингрид“ пустоши низ Франција: бранови како згради, ветерот носи сè пред себе
Бурата „Ингрид“ денес донесе силни ветрови, обилни врнежи од дожд и крајбрежни поплави во западниот француски департман Финистер во регионот Бретања. Три департмани се под портокалова временска тревога, со ризик од повеќекратни временски настани, објавува телевизијата BFM.
Метео-Франс регистрираше ветрови до 136 километри на час во Уесан и Финистер, додека другите налети достигнаа 119 километри на час во Бел Ил ен Мер и 112 километри на час во регионот Грос во Морбијан.
Tempête Ingrid: en Bretagne, des rafales de vent enregistrées jusqu'à 136km/h pic.twitter.com/zmedRJQWBZ
— BFM (@BFMTV) January 23, 2026
Врнежите достигнаа 23,8 милиметри во Кемпер, а дополнителни 10 до 30 милиметри се очекуваат во текот на денот на веќе заситеното тло.
Најголемите бранови, високи до 10 метри, се регистрирани на брегот на Финистер и Морбижан. Три реки – Лаита, Блаве и Уст остануваат под портокалово метеоролошко предупредување, со континуирано зголемување на нивото на водата, особено во Морбижан.
Бурата „Ингрид“ следуваше една недела по бурата „Горети“, која веќе предизвика штети во регионот. Се очекува постепено намалување на ветровите и врнежите до крајот на денот, но ризикот од поплави и штети на крајбрежјето и инфраструктурата останува висок.
Свет
Аракчи му порача на Зеленски: На светот му е доста од збунети кловнови
Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи, му порача на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, дека „на светот му е доста од збунети кловнови“.
„Зеленски ги „искористи“ американските и европските даночни обврзници за да ги наполни џебовите на своите корумпирани генерали и да се спротивстави на она што тој го нарекува нелегална агресија што ја крши Повелбата на ОН“, рече Аракчи во објава на социјалната мрежа Икс. Како што вели, Зеленски отворено и бесрамно повикува на нелегална агресија на САД против Иран, кршејќи ја истата Повелба на ОН.
„Светот е полн со збунети кловнови, господине Зеленски. За разлика од вашата армија поддржана од странство и нападната од платеници, ние Иранците знаеме како да се браниме и немаме потреба да бараме помош од странци“, рече Аракчи.
Во четвртокот, претседателот на Украина изјави на Светскиот економски форум во Давос дека протестите во Иран се удавија во крв и дека врховниот лидер на таа земја, ајатолахот Али Хамнеи, уби илјадници луѓе, пренесува Танјуг.
„Што ќе стане Иран по ова крвопролевање? Ако режимот преживее, тоа испраќа јасен сигнал до секој насилник – убијте доволно луѓе и ќе останете на власт. Кому во Европа му е потребно оваа порака да стане реалност? Сепак, Европа дури и не се обиде да изгради свој одговор“, рече Зеленски.
Македонија
Јанкулоска: СЈО и сите таму беа „црпнати“, водеа политички прогон и билдаа партиски рејтинзи
Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, го коментира застарувањето на предметот „Талир“ на некогашното специјално обвинителство. Таа обвини дека СЈО и сите во него сите таму биле „црпнати” за да дадат одговор кој, кого и зошто незаконски прислушкувал со години, 24/7.
Јанкулоска наведува дека СЈО водело кадровска политика преку политички прогон за билдање на партиски рејтинзи.
„Застарел дел од предмет што ниту можело ниту требало да биде предмет на кривично гонење ако барем некои од оние кои се занимавале со него се држеле до законот, правдата и правото, а не се воделе од политички диктати. СЈО и сите таму, беа “црпнати” за да дадат одговор кој, кого и зошто незаконски прислушкувал со години, 24/7.
Се занимаваа со се освен со тоа за што беа формирани. Водеа кадровска политика во политичките партии преку политички прогон, “билдаа” партиски рејтинзи за изборни цели, преку закани и притисоци одбираа владини партнери не според освоени гласови туку според дневно политички потреби, и сега проблем бил Кривичниот законик од 2023 (кој сам по себе е тема за посебна дебата). Не е ниту до тој ниту до било кој друг закон.
До правниците е, кои во се гледаа математика и тераа политика, си кркаа незаконски бонуси и десет години парадираа до судовите како холивудски ѕвезди и градеа метеорски кариери ама не заради резултати или квалитет туку заради сервилност кон претходната власт“, напиша Јанкулоска на социјалните мрежи.
Случајот „Талир 1“, за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, следната недела ќе почне од почеток по дури 6-ти пат.
Вчерашното рочиште се одложи, а во меѓувреме застаре кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување, за кое се гонеа екс премиерот Никола Груевски и Кирил Божиновски, а остана само кривичното дело за перење пари.
Во случајот освен Груевски и Божиновски, обвинети се и Илија Димовски, Леко Ристовски и екс министерот за транспорт, Миле Јанакиески.

