Црна хроника
Во Белгија запленети осум тони кокаин
Осум тони кокаин во вредност од 500 милиони евра биле запленети во понеделникот во пристаништето Анверс, во северна Белгија, што е едно од најголемите количества дрога запленети кога и да е во Европа, објавија во петокот белгиските власти.
Кокаинот кој потекнувал од Еквадор, бил сокриен во сандаци со банани и наменет за холандскиот пазар. Полицијата во сандаците пронашла речиси седум илјади пакети кокаин малку потешки од еден килограм.
Тоа е рекордна заплена на дрога во Белгија, и втора по количеството во Европа досега.
Во акцијата е уапсен 46-годишен белгиски возач кој го возел камионот и четворица Холанѓани коишто ги истоварувале сандаците.
По заплената на дрогата, бананите се подарени на зоолошката градина во Ротердам.
Според извештајот на Обединетите нации, Европа е вториот светски пазар на кокаин. Главната влезна земја е Шпанија, бидејќи производство на кокаин главно се одвива во земјите во Латинска Америка./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Дал 10.000 евра за итна операција на внуката: измамен 83-годишен битолчанец
Во СВР Битола вчера во 13:30 часот, 83-годишник од Битола пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 10.000 евра.
Според пријавеното, лицето му се јавило, се претставило како лекар и му кажало дека неговата внука паднала по скали и се здобила со тешки телесни повреди и било потребно да се направи итна операција, за што требало да плати.
Како што е пријавено, тој ги дал парите на едно лице кое дошло пред неговата врата, а откако подоцна се слушнал со неговиот син, сфатил дека е измамен.
Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Двајца малолетници повредени при судир на товарно возило и мопед во Штип
Во СВР Штип вчера во 10:30 часот било пријавено дека на кружен тек од ул.„Партизанска“ со ул.„Борис Крајгер“ во Штип се случила сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило „фолксваген кеди“ со штипски регистарски ознаки, управувано од С.С.(57) и мопед „априлиа“ со штипски регистарски ознаки, управуван од 16-годишник, двајцата од Штип.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот на мопедот и неговиот 14-годишен сопатник од Штип, констатирани во Клиничката болница Штип.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Штип.
Црна хроника
Тешко повреден работник додека извршувал работни задачи во фабрика во Гази Баба
Вчера во 10:05 часот во СВР Скопје, од приватна болница во Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен А.Б.(43) од Скопје.
Според пријавеното, тој се здобил со повредите додека извршувал работни задачи во фабрика на подрачјето на Гази Баба.

