Црна хроника
Баба од Охрид обвинета за компјутерски криминал
Шеесет ичетири годишна охриѓанка во соработка со Британец извршила 12 успешни трансакции со гласовна авторизација со употреба на податоци од странски државјани со што „заработила“ над 25 илјади евра, но во саботата „заработи“ и кривична пријава за компјутерски криминал.
Охриѓанката којашто министерството за внатрешни работи ја идентификуваше како 64-годишната Л.М.Ш употребила податоци од вистински платежни картички од странски државјани, кои претходно ги набавила, при што во мај минатата 2012 година од продажно место во Охрид, поточно апартман во нејзина сопственост, преку гласовна авторизација во една домашна банка извршила 24 нелегални трансакции од кои 12 успешни, со што нелегално се стекнала со вкупно 1.564.150 денари или околу 25.400 евра.
Сега пријавената имала склучено договор со банката за реализација на трансакции без картичка, односно со гласовна авторизација, а со намена за резервација на апартмани за престој на туристи. Имено, таа по претходен договор со лице британски државјанин, на нејзина електронска адреса добила нелегално обезбедени податоци од вистински платежни картички на странски државјани, по што преку гласовна авторизација во домашна банка извршила нелегални трансакции на име на британскиот државјанин за наводен закуп на апартмани за престој на групи туристи од Велика Британија.
Во меѓувреме странската банка издавач на картичките доставила известување до домашната банка, за злоупотреба на реализираните трансакции, по што ја известиле охриѓанката дека станува збор за спорни трансакции. Меѓутоа, пријавената и покрај известувањето ги подигнала паричните средства од нелегалните трансакции во вкупен износ од 1.564.150 денари.
Од преземените мерки и активности и извршени проверки преку Секторот за меѓународна полициска соработка и Интерпол Германија утврдено е дека пријавената дел од стекнатите парични средства вкупно 11.395 евра ги префрлила преку банкарски трансфер на сметка во Германија, а остатокот од 14.038 евра ги задржала за себе.
Единицата за компјутерски криминал при Центарот за сузбивање организиран и сериозен криминал по расчустувањето на ова дело од Основното јавно обвинителство Охрид поднесе кривична пријава против 64-годишната жена од Охрид, поради постоење на основано сомнение дека сторила кривично дело „изработка и употреба на лажна платежна картичка“./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Обвинение за семејно насилство врз бремена девојка во Свети Николе
Основното јавно обвинителство Свети Николе итно ги презеде сите дејствија за обезбедување докази и поднесе обвинение против 21-годишник за нанесување телесна повреда при семејно насилство, што е кривично дело според член 130 став 2 во врска со став 1, како и за противправно лишување од слобода според член 140 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, обвинетиот на 19 и 20 февруари, во семејната куќа во Свети Николе, при вршење семејно насилство, ја ограничил слободата на движење и телесно ја повредил неговата бремена девојка.
„Ја навредувал оштетената со која живееле во семејна заедница, а потоа започнал да ја удира со тупаници. Кога девојката се онесвестила од ударите, ја однел во бањата каде ја освестил со ладна вода, по што почнал да ја влече за коса и повторно да ја удира со боксови по главата и телото. Оштетената од ударите се здобила со повеќе телесни повреди, а кога се обидела да избега обвинетиот и го одзел мобилниот телефон и ја заклучил во спалната соба, каде ја држел 15 часа спротивно на нејзината волја.
Јавниот обвинител, заедно со обвинението, поднесе и предлог за определување мерка притвор за обвинетиот. Во меѓувреме се вршат проверки и во однос на наводи и сомненија за други дејствија на злоупотреби од ова лице кон истата оштетена, кои произлегуваат од нејзиниот исказ даден пред јавниот обвинител“, велат од Обвинителството.
Топ
Од Дубаи екстрадирано лице барано со потерница од македонската полиција, прва екстрадиција од Обединетите Арапски Емирати во нашата земја
Денеска од Дубаи во нашата земја беше екстрадиран 33-годишниот Флорим Лимани, кој беше баран со меѓународна потерница за издржување затворска казна од три години и шест месеци за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи”, казниво по чл. 396 ст.1 од КЗ.
Ова е прва реализирана екстрадиција на лице од Обединетите Арапски Емирати, кое нашата држава го бара со меѓународна потерница, извести МВР.
Фото: МВР
Топ
Кривична против поранешна директорка на Клиничка болница Битола за злоупотреба на службената положба и овластување
СВР Битола, до Основното јавно обвинителство Битола, поднесе кривична пријава против Е.И.(53) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување”.
Пријавената, како поранешен директор на Јавна здравствена установа-Клиничка болница Битола, во текот на 2023 година, спротивно на одредбите од Законот за администаривни службеници, Законот за изменување и дополнување на Законот за администаритвни службеници, без согласност од Министерството за финансии и спротивно од Законот на буџети за вработување, без спроведени интерни огласи и согласност и потпис од Секторот за човекови ресурси, за 11 лица вработени како административни службеници во управната зграда во Клиничка болница Битола склучила анекси кон договорите за вработување со цел зголемување на коефициентите на сложеност на работните места и издала решенија за утврдување на висина на плата, односно унапредување во повисок степен без соодветно образование.
На тој начин пријавената го оштетила Буџетот на Министерството за здравство, односно Фондот за здравствено осигурување за 49.304 евра до моментот на поднесување на пријавата. На пример, лице вработено како помошник одговорен инжинер за техничко одржување на објекти, каде било предвидено средно образование електротехника или електромашинство, било унапредено лице со академско звање – доктор на науки од областа на индустриски менаџмент и платата му била пресметувана по коефициент на сложеност кој се однесувал за профил доктор на немедицински науки, сродни на дејностите на установата.

