Црна хроника
По третпат треба да стартува судскиот процес за случајот Тајвански кредити
Во среда во Основниот суд Скопје 1 по третпат треба да стартува судскиот процес за случајот ‘Тајвански кредити’, во којшто му се суди на поранешниот лидер на партијата Демократска алтернатива и поранешен директор на Агенцијата за обнова и развој, Васил Тупурковски и тогашниот заменик Јован Андонов-Реган.
Се товарат за злоупотреба на службената положба и дека со одобрување на средства од тајвански кредити ја оштетиле државата за 172. 304.092 денари.
Апелациониот суд најпрвин ја укина пресудата на Основниот суд Скопје 1 со која Тупурковски беше осуден на три години затвор и надомест на штета, а неговиот заменик на две години затвор.
Откако предметот беше вратен на повторно судење, обвинетите добија ослободителна пресуда, па Обвинителството поднесе жалба на оваа пресуда.
Апелациониот суд на второто одлучување, повторно го врати случајот во Основниот суд Скопје 1, со образложение дека пресудата била нејасна и неразбирлива. /крај/мф/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Три лица, меѓу кои и полицаец, осомничени за разбојништво и противправно лишување од слобода
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица кои како соизвршители се осомничени за кривични дела – Разбојништво од член 237 став 1 и Противправно лишување од слобода согласно член 140 став 5 од Кривичниот законик.
Двајцата се осомничени дека на 23 април противправно лишиле од слобода едно лице, така што го повикале да излезе со изговор дека им е потребна помош, а потоа присилно го внеле во автомобил и се упатиле кон мостот на улицата “Беласица”.
Со возилото управувало трето лице – полициски службеник против кого постапката е издвоена и ќе ја води Одделението за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Додека полицискиот службеник возел, двајцата други осомничени му се заканувале на оштетениот и му нанеле убодни рани со нож во ногата и во рамото. Кога стигнале под мостот, насилно го извадиле од автомобилот и сите тројца физички го нападнале со удари со клоци и тупаници по целото тело, нанесувајќи му тешки повреди.
Му одзеле околу 8.000 денари колку што имал оштетениот со себе во моментот, а потоа го пуштиле да си оди со закана дека доколку до 1 мај не им исплати 10.000 евра ќе го убијат и него и неговиот татко.
Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени против кои постапува. Едниот од нив е во бегство и притворската мерка ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода.
Топ
Уапсени крадци на автомобили – ги расклопувале за делови
Единицата за внатрешни работи Центар и Бит Пазар при СВР Скопје поднесе кривична пријава против Ш.Н.(68) од Липково, поради постоење основи на сомнение за сторени 4 кривични дела „одземање на моторно возило“, од кои три на подрачјето на скопски Центар и едно на подрачјето на општина Аеродром, како и против Ф.Љ.(22) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривични дело „помагање“.
Имено, првопријавениот кривичните дела ги извршил во последните два месеца, така што со употреба на физичка сила и погоден алат ги отворал бравите од возилата, ги одземал возилата и ги предавал на второпријавениот, каде што возилата биле расклопувани и продавани за делови.
Полициски службеници со судска наредба извршиле претрес на локација, сопственост на Ф.Љ., каде биле пронајдени поголема количина делови од возила кои потекнуваат од кривичните дела. Известен бил Јавен обвинител, а од страна на Судија на претходна постапка на Ш.Н. му е одредена мерка притвор.
Топ
Две жртви во сообраќајката на патот Радовиш-Штип, уште едно лице повредено
Две лица загинаа на лице место во сообраќајната несреќа што се случи попладнево на магистралниот пат Радовиш-Штип.
Во несреќата е повредена и сопатничката од едното возило, која е пренесена во штипската Болница.
Веста за „Макфакс“ ја потврди портпаролката на СВР Струмица, Александра Трајанова, која информираше дека во несреќата учествувале автомобили „пасат“ и „опел“.
„На местото на несреќата починале возачите на двете возила, смртта ја констатирал лекар од „ЈЗУ Здравствен дом Радовиш“ а сопатничка од патничкото возило „опел” била пренесена во Медицински центар Штип“, информира Трајанова.
Увид на местото на несреќата врши јавен обвинител, а сообраќајот се пренасочува по стариот пат.
Од полицијата повеќе детали за несреќата најавуваат за утре.