Црна хроника
Бошкоски: Обвинителството да одговара за изживување и малтретирање
Поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски, кој е меѓу обвинетите во случајот ’Ровер’, во понеделник на повтореното судење во Основниот суд 1 Скопје побара обвинителството да одговара за изживување и малтретирање на лица кои не можат да се бранат, алудирајќи на тоа дека две години, како што рече, без докази, обвинетите се во притвор.
Повтореното судење за случајот ’Ровер’, во кој девет лица минатата година беа осудени на затворски казни за убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев во 2001 година, почна во понеделник откако Апелациониот суд во мај ја укина првостепената пресуда наведувајќи дека таа е нејасна и неразбирлива, како и дека се направени пропусти и повреди на Законот за кривична постапка.
Обвинителката Лидија Раишковиќ Вучкова рече дека останува на обвинението без никакви измени, а Бошковски и останатите обвинети повторно се изјаснија за невини. Четворица, од вкупно девет обвинети, кои се и директни извршители на убиството се српски државјани и истите се во бегство.
Екс министерот рече дека станува збор за политички монтиран процес и побара тој повеќе да не присуствува на судењата затоа што, како што рече, и онака пресуда ќе биде донесена надвор од судот. Бошковски побара другите обвинети да бидат ослободени затоа што, рече, тие биле колатерална штета на идејата за негово апсење.
Во неговиот исказ рече дека обвинителката Лидија Раишковиќ Вучкова и судијата Илија Трпков ќе се срамат од своите постапки и дека ниту платата ниту дневницата нема да ја исперат нивната свест.
Во образложението на Апелациониот суд за отфрлање на првостепената пресуда се бара точно утврдување на умислата на секој од обвинетите за стореното кривично дело како и докажување на нивната вина со докази. Исто така, се бара првостепениот суд со сигурност да утврди за секој обвинет кој какво дејство презел со конкретен опис на дејствијата.
Со првостепената пресуда на доживотен затвор како директни извршители на убиството, во отсуство, беа осудени Србите Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ. Љубе Бошкоски беше осуден на 12 години за помагање, а на 10 години затворска казна беше осуден неговиот шеф на обезбедување Зоран Трајковски. По осум години добија Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, а по шест Гоце Митревски и Никола Негриевски.
Марјан Тушевски, познат скопски рекетар со богато полициско и судско досие, и неговиот личен возач Киро Јанев беа застрелани пред 13 години пред кафуле во скопската населба Тафталиџе.
Инаку, Бошковски веќе издржува петгодишна затворска казна во КП Идризово за случајот „Кампања“ за нелегално финансирање на изборната кампања во 2011 година.крај/мф
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанка со нож нападната од нејзиниот татко
На 02.03.2026 во 18:45 часот во СВР Скопје, 48-годишна жена од Скопје пријави дека околу 15:00 часот во семејниот дом на подрачјето на општина Аеродром била физички нападната од нејзиниот 79-годишен татко, кој со остар предмет и упатувал закани, при што сам се повредил од невнимателност.
Во 20:00 часот, според полицијата, 79-годишен маж од Скопје пријавил дека околу 15:00 часот во семејниот дом неговата ќерка насилно му го одзела мобилниот телефон, при што почнале меѓусебно да се туркаат, а неговиот зет физички го нападнал.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Загина жена од Злетово: ја прегазил „мерцедес“
Вчера во 15:33 часот во ОВР Пробиштип е пријавено дека на ул.„Пониква“ во Злетово, на место викано „Клапчово маало”, Р.З.(50) од с.Неокази, пробиштипско, управувајќи патничко возило „мерцедес“ со пробиштипски регистарски ознаки, удрил во пешакот З.А.(59) од с.Злетово, пробиштипско.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починала З.А., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
По наредба на јавен обвинител, телото на почината е предадено на Судската медицина за обдукција.
Полицијата соопшти дека е извршен увид од увидна екипа на ОВР Пробиштип.
Црна хроника
Уапсен Турчин: во патничко возило превезувал пет лица мигранти
Вчера вечер во 23:00 часот на локалниот пат Гевгелија-Граничен премин Богородица, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Гевгелија го лишија од слобода 46-годишниот Ф.С. од Република Турција.
При сообраќајна контрола, полициските службеници запреле патничко возило „дачија“ со албански национални ознаки, кое го управувал, при што во возилото биле затекнати пет лица мигранти, од кои четири лица од Авганистан и едно лице од Турција.
Лицето е приведено изадржано во Полициската станица Гевгелија, а по целосно расчистување и документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

