Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Уапсени двајца криумчари од Албанија, пронајдени пет мигранти
Полицијата уапси две лица од Албанија осомничени за криумчарење мигранти.
Вчера околу 03:30 часот на излез од Гевгелија кон автопатот Гевгелија – Скопје, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица ги лишија од слобода М.Е.(27) и 22-годишната В.Е., двајцата од Република Албанија.
Имено, во наведеното време, полициските службеници забележале патничко возило „фолксваген туран“ со албански национални ознаки кое се движело со голема брзина, а кое го управувал М.Е., а сопатничка била В.Е.. Возилото било запрено, а во негова близина биле пронајдени пет лица мигранти, од кои еден од Сирија и четири од Египет.
Возилото и мигрантите се сместени во прифатно – транзитен центар во Гевгелија, а лицата се задржани во полициска станица. Во консултација со јавен обвинител против нив е поднесена кривична пријава по брза постапка.
Црна хроника
Авганистанци криумчареле мигранти во земјава: Откриени се два импровизирани кампови на границата со Србија
Во голема полициска операција вчера, во место викано Ресуљка во близина на граничната линија помеѓу Македонија и Србија беа откриени два импровизирани кампови во кои се пронајдени осум илегални мигранти, од кои двајца од Пакистан и шест од Авганистан, меѓу кои и две деца, соопшти МВР.
Истиот ден, Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, до обвинителството поднесе кривична пријава против З.Х.(20), Џ.Д.(31), В.Х.(34), А.Ш.(37) и 15-годишник, сите од Авганистан, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“.
Имено, пријавените во неколку наврати прифатиле, во улога на водичи илегално пренеле и засолниле група од илегални мигранти од Грција до камповите. Откако ги сместувале во импровизираните кампови, З.Х. и Џ.Д. со употреба на сила и закана од лицата изнудувале парични средства со цел да им овозможат нивно понатамошно префрлување на територија на Србија, а со крајна дестинација земјите од Европската унија.
Црна хроника
Побаран притвор за свирепото убиство во Штип
Основното јавно обвинителство Штип донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, осомничено за убиство.
Осомничениот 74-годишник, при вршење семејно насилство, лишил од живот жена со која биле во блиски лични односи, така што со тврд предмет и задал повеќе удари во главата, кршејќи и го черепот.
Потоа, со остар предмет пресекол делови од телото и ги сокрил на непознато место, а трупот го закопал во дворот од куќата.
Јавниот обвинител процени дека во конкретниот случај постои опасност од бегство, но и можност осомничениот да ги сокрие трагите од кривичното дело, па до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.
Вчера полицијата поднесе кривична пријава против Д.А (74) од Штип. Toj се сомничи дека во домот во кој живее во Штип без нејзина волја ја држел Б.Н.(79) од Штип, а потоа со остар предмет и нанел убодни рани од кои починала, по што телото го закопал во дворот.
Имено, на 24.10.2025 во СВР Штип, Д.О.(84) од Штип пријавила дека од домот се оддалечила нејзината сестра Б.Н. По преземени мерки, а поради сомнение дека противправно ja држел во неговиот дом, на 10.11.2025 со судска наредба бил извршен претрес во неговиот дом и биле пронајдени и одземени повеќе предмети и траги од крв. По претресот, тој бил лишен од слобода и му била изречена мерка притвор во траење од 96 часа и бил спроведен во Казнено-поправната установа Затвор Куманово.

