Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Кривична против двајца од Струшко за „пустошење шуми“
СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.И.(37) и А.И.(31), двајцата од струшкото село Делогожда, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „пустошење шуми“ по член 226 од Кривичниот законик.
На 29.12.2025, при контрола во атар на село Ботун, општина Дебрца, полициски службеници од СВР Охрид ги затекнале пријавените при неовластена сеча на дрва, од кои дел биле натоварени во возило „нисан терано“.
Дрвната маса е одземена и предадена на Шумската полиција, а пријавените веднаш беа лишени од слобода.
Црна хроника
Изгоре стан во Дебар, нема повредени лица
Вчера во 08:38 часот во ОВР Дебар е пријавено дека настанал пожар во стан на улица „Јосуф Грвала“ во Дебар, сопственост на А.К. од Дебар.
Повредени лица нема, а интервенирала Територијалната противпожарна единица од Дебар, извести СВР Охрид.
Топ
Понудил за 100 евра да избрише судска казна од 200 евра: уапсен вработен во Основен суд во Гостивар
Вчера во 20:10 часот, полициски службеници од Полициското одделение Ростуше го лишија од слобода А.Ј.(49) од село Присојница, општина Маврово и Ростуше, поради сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“ по член 357 од Кривичниот законик.
Според пријавеното од Н.А. од село Калиште, општина Врапчиште, А.Ј. – вработен во Основен суд Гостивар, го контактирал неговиот пријател С.М. од Гостивар и му понудил за сума од 100 евра да избрише судска казна од 200 евра и забрана за управување со возило од шест месеци, тврдејќи дека документите пристигнале кај него за извршување и дека може да му заврши работа. Како што е пријавено, Н.А. во име на неговиот другар го побарал А.Ј. и договориле средба во угостителски објект во Гостивар, а откако се сретнале го информирал дека е новинар и дека снима, по што А.Ј. се обидел да се оправда дека се шегува и се обидел да побегне.
А.Ј. е задржан во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
фото: МВР

