Црна хроника
Казнети 1.133 возачи и пешаци за една недела во Скопје
Скопје, 05.10.2014 (Макфакс) – Вкупно 1.133 возачи и пешаци се казнети во текот на изминатата недела на подрачјето на Град Скопје, за сторени прекршоци од Законот за безбедност на сообраќајот, додека пак со пајак возило се подигнати вкупно 344 возила.
Кај 41 возач е утврдено дека управувале возила под дејство на алкохол, потоа 82 лица управувале возила со измината важност на сообраќајната дозвола, без возачка дозвола управувале 51 возач, кај 23 лица е утврден сообраќаен прекршок за поминување на црвено светло, 70 возачи управувале возила со над дозволената брзина и 49 возачи управувале возило со над 90 км на час во населено место, покажуваат податоците од извештајот на Министерството за внатрешни работи.
Исто така, изречени се 39 прекршоци за некористење на сигурносен појас, 56 прекршоци за зборување на мобилен телефон, потоа 33 прекршоци за паркирање во зона на крстосница, автобуска постојка и пешачки премин, 480 прекршоци за неправилно и непрописно паркирање.
За недавање на првенство на минување на пешаци изречени се 17 прекршоци, за непрописно престројување изречени се седум прекршоци, за непрописно престигнување изречени се седум прекршоци, а кај шест возила е утврдена техничка неисправност.
Изминатата недела се санкционирани 35 пешаци за разни сообраќајни прекршоци.
„СВР Скопје и понатаму ќе продолжи со зајакнати сообраќајни контроли по однос на прекршоци кои доведуваат до сообраќајни незгоди и апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел да се намалат сообраќајните незгоди“, велат од МВР. Крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Штипјанец со туѓа картичка подигнал 31.000 денари, МВР поднесе кривична
Полицијата поднесе кривична пријава против Џ.К.(24) од Штип, поради сомнеж за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“.
Според истрагата, на 20 октомври 2025 година, пријавениот, без согласност и дозвола од едно женско лице од Штип, неовластено ја прибавил и употребил нејзината банкарска картичка.
Со неовластен пристап до сметката, тој извршил четири успешни трансакции на два различни банкомати во Штип. На овој начин, од жената одзел вкупно 31.300 денари.
Црна хроника
Државјанин на Камерун фатен на Табановце со туѓа француска лична карта, купена во Скопје за 1.000 евра
Полицијата, вчера, на Граничниот премин Табановце, на излез од државата, го приведе П.М.Ф.Б. (29) од Камерун.
При рутинска гранична контрола, утврдено е дека мажот при увид приложил туѓа француска лична карта. Веднаш потоа, преку проверка, евидентирано е дека документот е предмет на меѓународна потрага од страна на Интерпол.
Од понатамошната истрага констатирано е дека државјанинот на Камерун претходно бил регистриран во Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово. Во неговите изјави, тој признал дека француската лична карта ја набавил од едно лице во Скопје, за која платил сума од 1000 евра.
Од МВР велат дека тој е предаден на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Малолетници од Радовиш подметнале пожар на автобус паркиран во училиштен двор
Синоќа во полицијата во Радовиш било пријавено дека настанал пожар на автобус паркиран во дворното место на Основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во овој град.
На местото на инцидентот веднаш пристигнала екипа на Територијалната противпожарна единица Радовиш, која успешно го локализирала и изгаснала пожарот и нема повредени лица.
По преземените истражни постапки, полициските службеници утврдиле дека пожарот бил намерно предизвикан од страна на двајца малолетни лица од Радовиш. Со нив, во присуство на нивните родители, се извршени службени разговори, при што тие го признале делото.
Како доказен материјал, од малолетниците е одземена запалката со која го подметнале пожарот.
Со случајот е запознаен јавен обвинител при Основното јавно обвинителство во Струмица и по документирањето ќе следува соодветна пријава.
Фото: илустрација

