Црна хроника
МВР: Навивачот ја активираше шок-бомбата, ’Комити’ негираат
Експлозивната направа, која за време на фудбалскиот натпревар Пелистер-Вардар повреди осум лица, не била активирана од полициски службеник, туку од страна на навивач.
Ова во вторникот го соопшти Министерството за внатрешни работи, откако Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди ја комплетирал интерната истрага околу нарушувањата на јавниот ред и мир и полициската интервенција при фудбалскиот натпревар на Градскиот стадион во Битола.
Својата констатација од МВР ја темелат на видео записите на кои се гледа лице кое подолго време во десната рака држи бомба, што укажува на тоа дека истата претходно не била активирана, туку тоа било сторено од лицето со што е предизвикана општа опасност
„На видеото јасно се гледа дека навивачот повеќепати замавнува со истата кон полицијата, односно дека ја држи подолго од три секунди, што укажува на фактот дека истата претходно не била активирана, туку дека тоа било сторено од негова страна“, стои во соопштението.
Полицискиот службеник чија била бомбата во службена белешка навел дека забележал дека му ја нема бомбата којашто ја имал закачено на горниот дел од панцирот од десната страна, но не можел да прецизира дали му испаднала или некој од навивачите му ја извадил.
Од МВР потврдуваат дека инцидентот се случил десет минути пред крајот на натпреварот кога дел од навивачката група „Комити“, кои биле околу 350 навивачи, се спротивставила на барањето на полицијата пред време да го напуштат стадионот, бидејќи било проценето дека пости опасност да дојде до физички контакт со навивачката група „Чкембари“.
„Кон потиснување на навивачите Комити се пристапило од причина што една група од околу 50 навивачи не сакала доброволно да го напушти стадионот. Во еден момент дошло до посериозен притисок од страна на навивачите ’Комити’ кон полициските службеници при што од бил забележан еден навивач како во раката држи експлозивна направа по што било упатено предупредување за внимателност. По кратко време се слушнала и силна детонација од експлозивна направа која предизвикала поголем метеж и турканица“, се вели во соопштението.
Од навивачката група „Комити“ со повреди се стекнале осум лица, од кои едно лице со тешки телесни повреди.
Наспротри ваквото тврдење на МВР, навивачката група „Комити“ излезе со сосема спротивно соопштение, во кое се наведува дека бомбата била фрлена од полицијата, а навивачот само се обидел да ја отстрани.
„Во целата турканица од страна на полицијата беше фрлена бомба, при што еден наш истакнат постар член ја зема истата со цел да ја отстрани и да ги заштити помладите Комити, но нажалост бомбата експлодираше во неговата рака“, се вели во соопштението на „Комити“.
Воедно се наведува дека поради лошата организација, „Комитите“ на натпреварот влегле со 45 минути задоцнување, а полицијата настојувала да ги отстрани 15 минути пред крајот на мечот.
„Полициска практика е во изминативе години нас навивачите на Вардар да нé отстрануваат од натпреварот во последните 15-ина минути пред крајот. Како што секој фудбалски фан е запознаен, токму истите може да се покажат како најбитни и решавачки за целиот натпревар, „Комити“ уредно имаа обезбедено карти за овој натпревар и немавме намера по поминати 170 километри да гледаме само 30 минути фудбал и да си заминеме“, велат Комити, кои за вторник попладне најавија прес конференција. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Три лица, меѓу кои и полицаец, осомничени за разбојништво и противправно лишување од слобода
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица кои како соизвршители се осомничени за кривични дела – Разбојништво од член 237 став 1 и Противправно лишување од слобода согласно член 140 став 5 од Кривичниот законик.
Двајцата се осомничени дека на 23 април противправно лишиле од слобода едно лице, така што го повикале да излезе со изговор дека им е потребна помош, а потоа присилно го внеле во автомобил и се упатиле кон мостот на улицата “Беласица”.
Со возилото управувало трето лице – полициски службеник против кого постапката е издвоена и ќе ја води Одделението за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Додека полицискиот службеник возел, двајцата други осомничени му се заканувале на оштетениот и му нанеле убодни рани со нож во ногата и во рамото. Кога стигнале под мостот, насилно го извадиле од автомобилот и сите тројца физички го нападнале со удари со клоци и тупаници по целото тело, нанесувајќи му тешки повреди.
Му одзеле околу 8.000 денари колку што имал оштетениот со себе во моментот, а потоа го пуштиле да си оди со закана дека доколку до 1 мај не им исплати 10.000 евра ќе го убијат и него и неговиот татко.
Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени против кои постапува. Едниот од нив е во бегство и притворската мерка ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода.
Топ
Уапсени крадци на автомобили – ги расклопувале за делови
Единицата за внатрешни работи Центар и Бит Пазар при СВР Скопје поднесе кривична пријава против Ш.Н.(68) од Липково, поради постоење основи на сомнение за сторени 4 кривични дела „одземање на моторно возило“, од кои три на подрачјето на скопски Центар и едно на подрачјето на општина Аеродром, како и против Ф.Љ.(22) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривични дело „помагање“.
Имено, првопријавениот кривичните дела ги извршил во последните два месеца, така што со употреба на физичка сила и погоден алат ги отворал бравите од возилата, ги одземал возилата и ги предавал на второпријавениот, каде што возилата биле расклопувани и продавани за делови.
Полициски службеници со судска наредба извршиле претрес на локација, сопственост на Ф.Љ., каде биле пронајдени поголема количина делови од возила кои потекнуваат од кривичните дела. Известен бил Јавен обвинител, а од страна на Судија на претходна постапка на Ш.Н. му е одредена мерка притвор.
Топ
Две жртви во сообраќајката на патот Радовиш-Штип, уште едно лице повредено
Две лица загинаа на лице место во сообраќајната несреќа што се случи попладнево на магистралниот пат Радовиш-Штип.
Во несреќата е повредена и сопатничката од едното возило, која е пренесена во штипската Болница.
Веста за „Макфакс“ ја потврди портпаролката на СВР Струмица, Александра Трајанова, која информираше дека во несреќата учествувале автомобили „пасат“ и „опел“.
„На местото на несреќата починале возачите на двете возила, смртта ја констатирал лекар од „ЈЗУ Здравствен дом Радовиш“ а сопатничка од патничкото возило „опел” била пренесена во Медицински центар Штип“, информира Трајанова.
Увид на местото на несреќата врши јавен обвинител, а сообраќајот се пренасочува по стариот пат.
Од полицијата повеќе детали за несреќата најавуваат за утре.