Црна хроника
Најдени метална електронска кутија, мобилни телефони, билети за патување на местото на падот авионот
Делови од авинот, крило со еднo тркало, метална електронска кутија, два мобилни телефона, билети за патување и една италијанска патна исправа нашле полицајците од Полициската станица Петровец кои заедно со мештани од селото Кожле го најдоа патничкиот авион „PAJPER PA 34“, кој падна во вторникот попладне кај селото Кожле, општина Петровец.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека стручна екипа составена од Јавен обвинител, претставници од Судска медицина, истражители од Комитет за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, како и полицајци денеска се на местото на несреќата каде се врши увид, и идентификација на починатите лица, со цел обезбедување на докази на причините за авионската незгода и смртта на шестмината патници.Екипите тргнале на местото на несреќата околу 6 часот утрово, но поради лошите теренски услови пристигнале во 10 часот, а во 10.30 часот започнале со обезбедување на локациите за кримтехничко одбележување на трагите.Губењето на авионот го пријавил дежурен полициски службеник од РЦ за ГР „Север“ во Единицата за известување и команда при СВР Скопје во 17.36 часот. Според првичните информации од Контролата на летање известено е дека авионот бил приватен од типот „PAJPER PA 34“ со германски регистарски ознаки и дека истиот полетал од Тревизо, Република Италија, а крајната дестинација му била Приштина. Над Република Македонија требало да изврши прелет и бил пријавен на Аеродромот „Александар Велики“ во Скопје за дополнување на гориво.По еден час жител на село Кожле во СВР Велес пријавил дека во атарот на селото слушнал експлозија. Авионот беше пронајден околу 20 часот од страна на полицајци од Полициската станица Петровец и мештани од селото кај местото Јеловица.„Веднаш по известувањето во 1845 часот е активиран Одделот за специјални полициски операции, од каде се ангажирани 50 полициски службеници со 10 моторни возила од Единицата за специјални задачи како и 120 полициски службеници со 15 моторни возила од Единицата за брзо распоредување.По пронаѓањето на авионот од страна на полициски службеници од ЕСЗ е извршено обезбедување на периметарот на местото на настанот, и известен Јавен обвинител од ОЈО Скопје која излегла на местото на настанот, по што извршено е првично фотографирање, но поради немање на услови за вршење на увид, истиот согласно насоките од јавниот обвинител е планиран да продолжи во утринските часови“, соопштуваат од МВР.Министерството за внатрешни работи во координација со другите надлежни институции презема мерки и активности за утврдување на сите поединости околу авионската несреќа и целосно документирање на настанот.Во несреќата загинаа сите шесмина патници, пет мажи и една жена, сите со италијанско државјанство, а двајца однив имале косовско потекло. Според првичните информации тргнале кон Приштина, каде загинатите Косовци кои биле браќа, планирале да отворат спортски аеро-клуб./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Приведен 15-годишник во делчевско по пријава за обљуба врз малолетничка
На 28 февруари 2026 година во 14:30 часот во делчевско, полициски службеници од ОВР Делчево лишиле од слобода 15-годишник, постапувајќи по претходна пријава од 17-годишна малолетничка.
Според пријавата, откако претходно се договориле да се сретнат, тој извршил обљуба врз неа.
За настанот бил известен јавен обвинител, како и Центарот за социјална работа, а известен бил и родител на малолетникот. Надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.
Црна хроника
Пронајдена граната од Првата светска војна во битолско село
На 28 февруари 2026 година во 09:40 часот во СВР Битола, П.С. од село Добромири, битолско, пријавил дека во дворното место пронашол стара граната.
По пријавата, на местото излегол пиротехничар од Дирекција за заштита и спасување, кој безбедно ја подигнал гранатата. При извршената проверка било утврдено дека станува збор за минофрлачка граната од 75 милиметри, која потекнува од Првата светска војна.
Надлежните апелираат до граѓаните доколку пронајдат сомнителни експлозивни направи веднаш да ги пријават во полиција и да не ги допираат.
Црна хроника
Тешко повреден 17-годишен мотоциклист во сообраќајка во Битола
На 28 февруари 2026 година во 14:42 часот во СВР Битола било пријавено дека на крстосницата меѓу улиците „Македонски Гемиџии“ и „Индустриска“ во Битола се случила сообраќајна несреќа меѓу товарно возило мерцедес со битолски регистарски ознаки и мотоцикл лонгиа, исто така со битолски ознаки.
Товарното возило го управувал З.В. (42) од Битола, додека мотоциклот го управувал 17-годишник од Битола.
Во несреќата мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Битола.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Битола.

