Црна хроника
Спречен обид за криумчарење 34 мигранти, приведени три лица
Министерството за внатрешни работи во два одвоени случаи спречи криумчарење и транспорт на 34 илегални мигранти од Сирија, Авганистан и Судан.за што кривично се пријавени три лица.
Во првиот случај, Регионалниот центар за гранични работи Север до ОЈО – за организиран криминал и корупција Скопје, поднесе кривична пријава против лицата С.З.(43) и Б.С.(54) двајцата од Скопје поради основано сомнение дека сториле кривично дело „криумчарење на мигранти“, а судија за претходна постапка им е одредена мерка притвор во времетраење од по осум дена.
На 28-ми минатиот месец околу 22 часот во село Долно Блаце, во непосредна близина на граничната линија меѓу Македонија и Косово, од страна на полицијата биле сопрени две патнички моторни возила „Опел Вектра“ и „Фолксфаген Венто“ , двете со скопски регистарски ознаки управувани од двајцата пријавени лица при што во истите се превезувале десет илегални мигранти.
Лицето Б.С. при обид да биде легитимиран, го стартувал возилото и се обидел да го прегази полицискиот службеник по што се дал во бегство, но истиот изгубил контрола над возилото и удрил во поголем камен и возилото запрело. Од извршениот разговор со пријавените утврдено е дека на 28.09. околу 20,00 часот на второпријавеното лице телефонски му се јавил неговиот пријател вработен во такси компанија и му кажал да се упати во чајџилница во село Визбегово каде требало да го чека првопријавениот. Бидејќи и претходно вршел криумчарење на мигранти знаел за што се работи и се согласил. Откако се сретнал со првопријавениот од местото ги качиле илегалните мигранти во возилата и се упатиле кон село Долно Блаце каде во близина на граничната линија меѓу Македонија и Косово биле запрени од страна на полициска патрола.
Во вториот случај исто така на крајот од минатиот месец, Регионалниот центар за гранични работи Север до ОЈО – за организиран криминал и корупција Скопје, поднесе кривична пријава против лицето Р.П.(22) од село Лојане поради основано сомнение за извршено кривично дело „криумчарење на мигранти“.
Од страна на Судија изречена му е мерка притвор во времетраење од 30 дена.
Имено, на 29.09. околу 19,00 часот на место викано „Мокро поле“, од страна на полицијата бил забележан трактор марка „ИМТ“, црвена боја со приколка, кој бил управуван од пријавениот во која истиот превезувал 24 лица, илегални мигранти од Сирија, Авганистан и Судан. Од извршениот разговор со Р.П. тој изјавил дека дента околу 17,00 часот со својот трактор се упатил кон околната шума, поточно кон место викано „Стража“ со намера да бере дрва, по што наишол на поголема група на мигранити кои побарале да се качат во приколката, истите се качиле во приколката и по одредено време бил сопрен од страна на полициската патрола.
Извршен е разговор и со еден од мигрантите при што истиот изјавил дека илегално остварил влез во Македонија од Грција во близина на ГП Богородица заедно со неговиот брат и уште двајца другари при што откако пристигнале во село Лојане на непознато лице од Пакистан му платиле 400 евра по човек со цел да ги пренесе до Србија, по што тој ги однел пеш до тракторот.
Истовремено од извршен разговор со друго лице од групата мигранти, констатирано е дека истиот илегално остварил влез од Грција во близина на ГП Богородица заедно со неговата сопруга и брат, при што откако пристигнале во Лојане, биле сместени во некој камп каде што непознато лице од Бангладеш пеш ги однел до тракторот кој ги чекал во близина на Лојане.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Три лица, меѓу кои и полицаец, осомничени за разбојништво и противправно лишување од слобода
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица кои како соизвршители се осомничени за кривични дела – Разбојништво од член 237 став 1 и Противправно лишување од слобода согласно член 140 став 5 од Кривичниот законик.
Двајцата се осомничени дека на 23 април противправно лишиле од слобода едно лице, така што го повикале да излезе со изговор дека им е потребна помош, а потоа присилно го внеле во автомобил и се упатиле кон мостот на улицата “Беласица”.
Со возилото управувало трето лице – полициски службеник против кого постапката е издвоена и ќе ја води Одделението за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Додека полицискиот службеник возел, двајцата други осомничени му се заканувале на оштетениот и му нанеле убодни рани со нож во ногата и во рамото. Кога стигнале под мостот, насилно го извадиле од автомобилот и сите тројца физички го нападнале со удари со клоци и тупаници по целото тело, нанесувајќи му тешки повреди.
Му одзеле околу 8.000 денари колку што имал оштетениот со себе во моментот, а потоа го пуштиле да си оди со закана дека доколку до 1 мај не им исплати 10.000 евра ќе го убијат и него и неговиот татко.
Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени против кои постапува. Едниот од нив е во бегство и притворската мерка ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода.
Топ
Уапсени крадци на автомобили – ги расклопувале за делови
Единицата за внатрешни работи Центар и Бит Пазар при СВР Скопје поднесе кривична пријава против Ш.Н.(68) од Липково, поради постоење основи на сомнение за сторени 4 кривични дела „одземање на моторно возило“, од кои три на подрачјето на скопски Центар и едно на подрачјето на општина Аеродром, како и против Ф.Љ.(22) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривични дело „помагање“.
Имено, првопријавениот кривичните дела ги извршил во последните два месеца, така што со употреба на физичка сила и погоден алат ги отворал бравите од возилата, ги одземал возилата и ги предавал на второпријавениот, каде што возилата биле расклопувани и продавани за делови.
Полициски службеници со судска наредба извршиле претрес на локација, сопственост на Ф.Љ., каде биле пронајдени поголема количина делови од возила кои потекнуваат од кривичните дела. Известен бил Јавен обвинител, а од страна на Судија на претходна постапка на Ш.Н. му е одредена мерка притвор.
Топ
Две жртви во сообраќајката на патот Радовиш-Штип, уште едно лице повредено
Две лица загинаа на лице место во сообраќајната несреќа што се случи попладнево на магистралниот пат Радовиш-Штип.
Во несреќата е повредена и сопатничката од едното возило, која е пренесена во штипската Болница.
Веста за „Макфакс“ ја потврди портпаролката на СВР Струмица, Александра Трајанова, која информираше дека во несреќата учествувале автомобили „пасат“ и „опел“.
„На местото на несреќата починале возачите на двете возила, смртта ја констатирал лекар од „ЈЗУ Здравствен дом Радовиш“ а сопатничка од патничкото возило „опел” била пренесена во Медицински центар Штип“, информира Трајанова.
Увид на местото на несреќата врши јавен обвинител, а сообраќајот се пренасочува по стариот пат.
Од полицијата повеќе детали за несреќата најавуваат за утре.