Daily news
Активности на HWPL во Камбоџа и Малезија: Мировни кампови, форуми и фестивали
Невладината јужнокорејска организација „Небесна култура, светски мир“ (HWPL) во изминатиот период одржа низа мировни активности во југоисточна Азија, одржувајќи мировни кампови, форуми и фестивали во Камбоџа и Малезија.
Создавањето на мрежа од поединци кои ќе соработуваат во рамките на мировните активности беше главната цел при одржувањето на младинскиот мировен камп во главниот град на Камбоџа, Пном Пен, а на кој учествуваа претставници од будистичката религија и повеќе меѓународни невладини организации, меѓу кои и HWPL како коорганизатор на настанот.
Повеќе од 40 претставници од Австралија, Камбоџа, Јужна Кореја, Шри Ланка и САД за време на кампот дискутираа околу причините и можните решенија за разните религиски конфликти. Преку посетата на храмот Wat Ounalom и џамијата Al-Serkal, двата главни објекти кои ги претставуваат будизмот и исламот, учесниците имаа можност да ги разменат своите гледишта околу основите на двете религии.
„Отворањето на религискиот мировен камп за млади беше овозможено поради тоа што имаше големо партнерство помеѓу будизмот и исламот во Камбоџа. Тоа беше резултат на еден долг дијалог и комуникација заснована на доверба, како и благодарејќи на огромните напори од страна на организаторите во Камбоџа“, изјави Таренс Сонг, еден од организаторите на кампот.
„И религиските и секуларните лидери треба да подготват слични форуми, за луѓето да можат да дојдат и да учат еден од друг“, изјави Ан Росман, еден од учесниците на кампот.
Јужнокорејската организација, пак, во Малезија организираше мировен фестивал, на кој учествуваа повеќе невладини организации, со цел да се промовираат мирот и хармонијата помеѓу различните етнички групи во земјата. Од страна на малезиските локални организации беше потенцирано дека не смее да постои нетолеранција околу различните религии и култури и дека екстремизмот мора да се отфрли.
„Мотото на карневалот е да покренеме свест кај граѓаните за одржувањето на мирот и заедништвото во нашето општество, кое го сочинуваат различни раси, религии и етникуми“, рече малезискиот претставник Туан Хаџи Рахим.
HWPL како коорганизатор на настаните, а која од минатата година делува и во Македонија и останатите земји од Балканот, продолжува со низата мировни активности кои произлегуваат и од Декларацијата за мир и ставање крај на војните, документ подготвен од страна на правниот комитет на организација, а кој има за цел да ја покрене свеста ширум светот околу мировната култура преку проучувањето на различните религии и духовни вредности. Документот и на дват а настани наиде на бројна поддршка од страна на присутните, а се наскоро тој да биде претставен и пред Обединетите нации./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.