Daily news
Алаѓозовски: Ќе се расчиси со поделбите во културата

Претставници на културни институции, индивидуални уметници, граѓански асоцијации за култура, денеска во Музејот на современата уметност го слушаа излагањето на министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, и другите партиципиенти во тримесечното креирање на петгодишната стратегија за култура и нацрт-акцискиот план за 2018 година. По скенирање на состојбите во културата низ целата земја, стратешката културна политика за идната година, според приоритетите ќе оди во насока да се подобрат инфраструктурните услови за креативно дејствување низ градовите во земјата, културата да се доближи до сите иницијатори и консументи, и да се заврши со мегаломанското и непродуктивно трошење.
Првичните проценки се дека состојбата во културата е очајна.
„Нема да кажам ништо ново и не би сакал да звучи како оправдување доколку констатирам дека речиси сите параметри и податоци до кои дојдовме укажуваат дека состојбата во сферата на културата во секој поглед е очајна и дека ќе ни требаат натчовечки напори за да тргнеме по патот на закрепнувањето и напредокот. Ќе ни требаат натчовечки напори за да тргнеме по патот на закрепнување и напредок“, рече Алаѓозовски.
Во минативе месеци, истакна Алаѓозовски, се обиделе да одговорат на многу прашања што ја нарушија културната слика во државата и создадоа поделби наместо обединување, што е основна цел на уметноста.
„Како да ја заживееме и модернизираме институционалната култура? Како да ѝ дадеме поддршка на независната сцена која беше со години запоставувана и маргинализирана? Како да ги унапредуваме вештините на нашите културни работници за да бидеме компетитивни на меѓународната културна сцена, како да дојдеме до поголемо искористување на меѓународната поддршка? Како нашата култура, нашето богатство од разноликости да стане конечно наш светски препознатлив извозен продукт, а не повнатрешнето средство за создавање поделби?“, истакна Алаѓозовски.
Презентацијата се однесуваше и за текот на јавните расправи, предлозите на засегнатите страни и процесот за експертска анализа и усогласување на нацрт-текстот на стратегијата
Проектот за создавање нацрт-програмата и стратегијата за култура е поддржан и од Фондацијата „Отворено општество“, за што се обрати Славица Инџевска, програмски директор во фондацијата, потоа Јетон Красниќи, заменик-директор на Проектот за граѓанско учество на УСАИД, Јасмина Мазгалиева, претседател на КУЛТ Транзен, Јане Чаловски, претседател на ЈАДРО – презентација за текот на јавните расправи, предлозите на засегнатите страни и процесот за експертска анализа и усогласување на нацрт-текстот на стратегијата
Посебниот советник во Министерството за култура, Златко Теодосиевски, говореше за клучните аспекти на стратегијата и акцискиот план, предлози на засегнатите страни што беа усвоени низ процесот.
За пишување на конечната верзија на нацрт-програмата за култура беа одржани дестина дебати, а беа посетени речиси сите градови низ Македонија и сослушани предлозите на локалните културни менаџери и културни работници.
Сите се согласни дека деметрополизацијата и дисперзирање на културата на локално ниво и нејзина институционална поддршка е најзначајниот исчекор во создавање рамноправен однос и оправдана „култура за сите“, што беше основно мото на новата иницијатива на Министерството за култура. (А.В)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Прва правна конференција Tres Partes

На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната

Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера

Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.