Daily news
Баша: Утре основаме нова република
Албанската опозиција на 13 мај според најавите ќе одржи големи протести за соборување на владата на левицата на премиерот Еди Рама. „Утре ќе основаме нова Република“, изјави претседателот на опозициската демократска партија, Лулзим Баша.
Тој рече дека ќе се одржи најголемиот досега одржан протест во Албанија и ќе биде соборена владата на Рама. Протестот ќе се одржи во Тирана, пред Владата, каде од 18 февруари опозицијата протестира во големи шатори и бара техничка влада за да може да учествува на парламентарните избори закажани на 18 јуни.
Странските дипломати во Албанија изразија загриженост за утрешниот голем протест на опозицијата, а домашните аналитичари наведуваат дека можни се и инциденти. И покрај притисокот на меѓународниот фактор, досега власта и опозицијата не постигнаа компромис.
Опозицијата не се пријави за учество на изборите, додека, пак, Владата тврди дека избори ќе има и без опозицијата. Албанските медиуми нагласуваат дека во земјата политичката состојба е полна со тензии. Истите извори исто така пренесуваат и информации за нови обиди на странските дипломати за одложување на изборите на неколку месеци со цел опозицијата да учествува на изборите./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
