Daily news
Лутото ги чисти белите дробови на пушачите
Доколку не можете да се откажете од лошата навика, барем намалете ги штетните последици од цигарите. Зачините, како што е чилито, го поттикнуваат разложувањето на слузта. И ѓумбирот, исто така, помага против лошите болести.
Цигарите содржат повеќе од четири илјади отрови, а голем број состојки се идентични на оние кои се наоѓаат во токсичните депонии. Пушењето остава траги во белите дробови, каде покрај другите отрови се таложат и најопасните: катранот и никотинот.
Постојат бројни начини како белите дробови да се исчистат од катран и да се намалат ризиците од појава на инфекции.
Чили – лутата храна како што е чилито помага во разложување на вишокот слуз и катран во белите дробови, а исто така, му помага на организмот полесно да ги отстрани.
Вода – минералната вода е најдобро средство за чистење на организмот. Добрата хидратација е клучна за здравјето и го забрзува процесот на чистење од токсини.
Магнезиум – тоа е минерал кој главно им се препорачува на луѓето кои боледуваат од астма. Тој може да го зголеми капацитетот на белите дробови. Наједноставен начин за внесување на овој минерал е консумирање јаткасти плодови и грав.
Лук и коприва – лукот е универзална билка која спречува појава на многу болести, вклучувајќи рак и инфекција на белите дробови, помага при разложување на слузта и исфрлање на токсините од организмот. Копривата е богат извор на железо и е многу корисна како средство за дезинфекција на белите дробови и во борба против инфекциите.
Грејпфрут и калинка – флавоноидите во овие овошја ги чистат белите дробови, а слична улога имаат и јаболката. Калинката содржи голем број антиоксиданси, а тие го забавуваат развојот на белодробните заболувања.
Пченка – ова е намирница која содржи бета-криптоксантин, за кој се смета дека ги штити белите дробови од карцином бидејќи претставува силен антиоксиданс.
Ѓумбир – како природен лек ѓумбирот помага во одбрана од лошите заболувања. Тој е уште едно силно средство за исфрлање на токсините од белите дробови.
Инхалација со масла – се препорачува два до три пати неделно инхалирање со етерични масла од еукалиптус, пеперминт, рузмарин или мајчина душица. Тоа ќе помогне побрзо да се исчистат белите дробови од токсини и вишок на слуз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.