Daily news
Мај – месец на судења – Ќе ги судат ли нови судии предметите на СЈО?
Mај ќе биде мeсец на судења. Рочиштата за единствените две обвиненија кои СЈО ги застапува пред Кривичниот суд „Насилство“ и „Тврдина 2“ се закажани на трети и петти мај. Од Кривичниот суд за Макфакс потврдија дека сè уште не се произнеле дали ќе го прифатат обвинителниот акт за случајот „Транспортер“, кој СЈО го поднесе пред велигденските празници.
На претходното рочиште во случајот „Насилство“ кое се одржа на 10 март, во судницата не се појави ниеден од обвинетите: Груевски, Jaнакиески, Рангелова и останатите единаесетмина. Објаснувањето на адвокатот на дел од обвинетите, Никола Додевски, беше дека неговите клиенти не се појавиле бидејќи има решение со кое Советот на јавни обвинители бара промена на обвинителот во случајот, односно на обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи. На трети мај како сведоци се поканети и градоначалникот на општина центар Андреј Жерновски, претседавачот на Советот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ, директорот на Паркинзи Центар, Саша Богдановиќ, како и други 19 сведоци. Според обвинението, првообвинетиот Груевски со умисла побарал, а Јанакиески прифатил преку партиски членови да извршат грубо насилство врз градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски и врз членови на Советот на општината.
Во случајот „Тврдина 2“, минатото рочиште беше одложено бидејќи судијката Лидија Петровска, прозвана во Извештајот на Стејт Департментот, беше на боледување. Обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска, тогаш изјави дека успеале да добијат решенија за декласификација на најголем дел од доказите, како што претходно побара судијката Петровска. Во случајот обвинети се седум лица, меѓу кои и поранешниот директор на Петтата Управа Горан Грујевски за незаконско уништување на документи поврзани со опремата за прислушување.
На 4 мај е закажано рочиштето за случајот „Поткуп“, во кој е обвинет лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Одбраната по минатото рочиште се пожали дека ги нема добиено доказите од обвинителството.
На 18 мај е закажно рочиште за укинатите делови од пресудата за случајот „Шпион“, кое го застапува СЈО. На минатото рочиште не беше спроведен Марјан Ефремов од затворот „Идризово“.
На 23 мај е закажано ново рочиште во случајот за „Маѓар Телеком“. Последното рочиште за овој предмет е од 20 април, а било одложено бидејќи не бил присутен јавниот обвинител, кој го известил судот дека е спречен да присуствува на рочиштето. Во меѓувреме Американската комисија за хартии од вредност, објави дека тројцата директори на Маѓар Телеком се спогодиле и признале вина. Ова е нов момент во постапката, кој останува да се види на кој начин и дали ќе влијае во судскиот процес кој се води во Македонија.
Два дена подоцна на 25 мај е закажано и судењето во граѓанскиот суд за екс-разузнавачот Слободан Богоевски, по тужбата од Али Ахмети и Муса Џафери за клевета за поврзана со случајот „Маѓар Телеком“. На минатото рочиште, адвокатите на Богоевски побараа судот да се прогласи за ненадлежен за одлучување.
На 18, 22 или 30 мај, од Врховниот суд потврдија дека ќе се одржи јавна седница за случајот „Монструм“, на која ќе се разгледуваат доживотните казни затвор за осудените за петкратното убиство кај Смилковското езеро зависно од обезбедувањето на техничките и безбедносни услови за одржувањето на седницата.
Со новиот распоред во Кривичниот суд кој е веќе во сила, судијките Татјана Михајлова и Лидија Тупанчевска Петровска не се распределени во одделите што можат да ги судат досегашните предмети на СЈО. Се поставува прашањето дали може со новиот распоред на судии, судењата за предметите на СЈО да добијат нов тек и постапките да почнат од почеток? Праксата досега покажала дека сепак при промена на одделите, се случувало судии да изберат по неколку предмети кои ги судат и натаму, иако се распоредени во други оддели. Инаку за овие две судијки, СЈО поднесе и претставки за нивното нестручно постапување до Советот за утврдување факти, токму за предметите кои ги застапува пред Кривичниот суд.
Васко Маглешов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.