Daily news
„Ме држеа 16 часа со лисици на рацете во полиција“, рече пратеничката Пешевска

„Не сум сторила тероризам, не сум ја загрозила безбедноста на македонскиот народ. Со моето апсење повредени се законот и Уставот. За полицијата не важеше мојот пратенички имунитет. Ме држеа 16 часа со лисици на рацете“, рече пратеничката Жаклина Пешевска на денешната јавна седница на Апелациониот суд во Скопје за продолжувањето на куќниот притвор што ѝ беше изречен. Пешевска рече дека нема сторено ниту едно кривично дело.
„Не можам да повторам дело што не сум го ни извршила. Не мислам да бегам и да влијаам врз сведоци. Ги понудив и двата пасоша, ако има потреба. Немам ниту еден ден отсуство во Собранието. Мајка сум на три малолетни деца. Живеам со стари свекор и свекрва за кои се грижам. Загрозена ми е здравствената состојба, како и на моите деца, кои се под третман на психолози“, рече таа.
Таа се произнесе дека не е виновна и бараше да ѝ се укине куќниот притвор. „Сакам да му честитам на доблеста на народниот правобранител Иџет Мемети, кој констатира дека пратеничката била незаконски уапсена“, рече нејзиниот адвокат Боро Тасевски. Со кршењето на нејзините права се кршат човековите права на илјадници граѓани што гласале за неа да биде пратеник, додаде адвокатот.
Според адвокатот, решението на кривичниот суд за куќен притвор не содржи факти и докази. Тасевски пред тричлениот судски совет рече дека во постапката за продолжување на притворот биле прекршени нејзините права, кои треба да се отстранат.
Предлогот за продолжување на мерката куќен притвор не е доставено до обвинетата, рече адвокатот. „Бараме овој суд да го укине решението и да го врати на повторно одлучување“, потенцира Тасевски и додаде: „Дискутираме за права на пратеник. Што да очекуваат граѓаните зад кои не стојат вакви аргументи? Не постои ниедна основа за притвор. Обвинетата е семејна жена со 3 малолетни деца. Живее со болни свекор и свекрва. Некои од нејзините деца боледуваат од хронични болести. Каде е тука опасноста од бегство“?, праша адвокатот.
„Се прашуваме кое кривично дело би го повторила или би сторила ново дело? Настаните за кои е обвинета се случувале пред повеќе од 6 месеци. Таа дури пред два дена беше повикана да даде исказ во Обвинителството“, им објаснуваше адвокатот Тасевски на судиите.
Вишото јавното обвинителство бара да остане мерката куќен притвор. Сметаат дека со оваа мерка не се повредени законите и меѓународните конвенции. „Неоснована е жалбата дека на семејството не може да му укаже лекарска помош“, рече вишата јавна обвинителка.
Апелациониот суд во Скопје одржува јавна седница за продолжувањето на куќниот притвор на пратеничката Жаклина Пешевска. Седницата се одржува по жалбата на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, која се жали на одлуката на кривичниот суд да ѝ биде продолжен куќниот притвор за учество во насилството во Собранието на 27 април минатата година. Досега Апелација ги потврди одлуките на кривичниот суд за сите осомничени за настаните од крвавиот четврток во Собранието.
Судија на претходна постапка на 5 декември минатата година им изрече мерка куќен притвор на пратениците Жаклина Пешевска, Јохан Тарчуловски и на Љупчо Димовски по извршениот распит во кривичниот суд во Скопје. Претходно, судот на тројцата пратеници, Љубен Арнаудов, Крсто Мукоски и Сашо Василевски, им изрече мерка притвор, по што тие со лисици на рацете беа спроведени во Истражниот затвор „Скопје“. Шестемина пратеници беа повикани на распит во судот за настаните во Собранието на 27 април бидејќи претходно парламентот го прифати барањето за одземање на нивниот имунитет.
В. Маглешов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Прва правна конференција Tres Partes

На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната

Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера

Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.