Daily news
Ми фрлија монитор и копје од знаме, што ме зашемети, сведочеше Села
Пратеникот Зијадин Села во сведочењето пред судот рече дека гневните напаѓачи фрлиле директно кон него монитор од компјутер и копје од знамето. „Кратко потоа почнав да се зашеметувам“, се присетуваше Села на нападот од 27 април. „Бев во прес-салата, лево од говорницата, кога влезе толпата. Пред мене беа колегите Реџаил Исмаили и Сурија Рушити. Толпата извикуваше ‘предавници, ќе ве убиеме, каде ќе одите?’ Јас слушнав само ‘Села каде ќе одиш, ќе те убиеме’“, рече Села.
Додаде дека врз главата му паднала и една од штиците што ги фрлале кон нив. Села раскажа дека кога двајцата пратеници не биле повеќе пред него, тој бил директно изложен на толпата. „Откако Рушити и Исмаили излегоа, ме удираа кратко време, ме фатија за главата и ме удираа со рацете“, рече Села. Тој го препозна обвинетиот Игор Југ. Рече дека бил ќелав и со брада, а во собраниската сала влегол меѓу првите. „Пцуеше и викаше“, се присетуваше Села.
„Друго лице од толпата имаше очила на главата и носеше кожено елече. Тоа лице, откако изгубив свест зашто немаше воздух и бев повреден, ми пријде и рече: ‘Еве го Села. Ајде Села’. Последните удари на кои се сеќавам беа во главата и телото“, сведочеше пратеникот.
Во кривичниот суд денеска продолжи рочиштето за напаѓачите на пратеникот Зијадин Села. На обвинителната клупа повторно седнаа обвинетите Оливер Ошавковски, Сашо Сенков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски-Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов, Стојан Павлески – Кобра, како и Кире Ѓоргиевски и неговиот татко. Последните двајца беа уапсени во мај минатата година, како осомничени за физички напад и влечење на Села, кој потоа во критична состојба заврши во болница.
В. Маглешов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.