Daily news
Научниците оживеаја микроби стари неколку десетици илјади години

Научниците екстрахирале долги години успиени микроби од внатрешноста на познатите гигантски кристали во спилите на планините Наика во Мексико, а потоа ги оживеале и според нивните процени староста на микробите може да достигнуваат десетици илјади години, се наведува во написот објавен во списанието National Geographic.
Микробите се пронајдени во Пештерата на кристалите, која се наоѓа на длабочина од 300 метри во близина на градот Наика во сојузната мексиканска држава Чивава. Таа го добила своето име по огромните кристали од селенит и разновиден гипс. До нејзиното откривање таа била исполнета со вода и сега постојано се испумпува. Научниците веќе идентификувале микроби кои живееле во ѕидовите во овие пештери, но нивната изолација од неколку метри долгите кристали претставува изненадување.
Во 2008 и 2009 година челникот на Институтот за астробиологија на американската агенција за вселенски истражувања NASA, Пенелопe Бостон, успеа да извади течности од внатрешноста на кристалите кои се формираат со години. Подоцна во лабораториски услови, групата научници под нејзино водство успеале да ги „разбудат“ микробите и да одгледаат микробиолошка култура, односно откриле бактерии и прабактерии кои потоа и реанимирале.
Според Бостон, тие се слични на познатите видови микроорганизми кои опстојуваат во пештерите, но генетски се разликуваат од нив. Постоела загриженост дека тие организми се само резултат од контаминација од страна на групата научници или од рударските операции, но директорката на NASA тврди дека при истражувањето биле преземени сите неопходни протоколи.
Врз основа на геолошките податоци за брзината на растот на кристалите во пештерата, според кои најстарите од нив се околу половина милион години, научниците претпоставуваат дека сега откриените микроби би можеле да се најдат во внатрешноста на кристалите пред 10 до 50 илјади години претходно. Според Бостон, тоа откритие може да влијае врз сегашните сознанија за историјата на еволуцијата на микроорганизмите на Земјата.
Бидејќи Бостон работи и како астробиолог, таа го истакнува значењето на ваквите откритија во потрагата по живот во Вселената. Секое вакво откритие на Земјата овозможува да се примени сличен атлас на можности во поинакви планетарни услови, тврди таа. Многу научници сметаат дека доколку некаде во Сончевиот систем, исто така, постои живот, дека тоа е најверојатново подземјето, каде организмите се хемосинтетизираат, исто како и оние во спилите на Наика.
Научниците претходно тврдеа дека успеваа во оживувањето на инсекти кои биле успиени неколку милиони години, заробени во кристали од сол или мраз. Сите тие тврдења се спорни, но Бостон истакнува дека е подготвена да ги прифати откако била сведок на сé што се наоѓа во Наика и на другите слични опкружувања.
Организмите останале затворени во гипсот, пред десетици илјади години, со што стануваат уште еден пример за способноста на животот да се адаптира и да се носи со најнепријатните опкружувања. Откриените организми се многу необични, тие немаат „сродници“ во досегашните генетски бази на податоци, изјави Бостон која ова откритие го презентирапе и на состанокот на Американското здружение за развој на науката (AAAS).
Длабоко закопани во спилите кај Наика,ги откриле рудари пред речиси сто години трагајќи по сребро и други метали. Овие пештери се интересни за научниците поради ткн екстремофилија, микроби кои преживуваат во услови кои се сметаа за невозможни. Опкружувањето во пештерите е многу топло, меѓу 40 и 60 Целзиусови степени, просечно 48 степени, со многу влажност до 90 степени и киселост. Во нив нема светлина, па секој организам кој преживува мора да биде способен да врши хемосинтеза, односно да се одржува со обработување на камените минерали.
Камо што оценуваат во National Geographic, во вакви услови, неподготвен и без опрема човек, ќе умре по половина час.
Резултатите од истражувањето, како што наведува National Geographic, сé уште не а минале процедурата на рецензирање, така што овие податоци треба да се земаат со одреден скептицизам. Од друга страна, пак, можноста да се оживеат микроби чијашто старост се проценува на неколку десетици илјади години, „не се чини неверојатна“, смета микробиологот Брент Кистнер од Универзитетот Флорида. Тој претпоставува дека микробите можеле да живеат во целосна изолација од надворешниот свет толку долг период, хранејќи се со своите изумрени „роднини“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Прва правна конференција Tres Partes

На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната

Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера

Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.