Daily news
Ни денар за „Македонија“ не е потрошен за снимање, кривична и за продуцентот
Проширената истрага на финансиската полиција во врска со играната серија „Македонија“, како што дознаваме, дошла до документирани сознанија дека средствата што македонската Агенција за филм во висина од 68.000.000 денари, што биле префрлени на продуцентската куќа „Јадран филм“, не се трошени за нејзината намена. Поточно, трошени се за сè, само не за снимање играна серија. Во истрагата сведочеле и филмаџии ангажирани за наводно снимање некои сцени, кои потврдуваат дека биле плаќани во кеш. Материјалот што го снимале ни одблизу не личел на професионална работа, туку продуцентот од нив побарал некои инсерти од локации во Скопје како илустрација на спомениците во градот. Со ова се потврдуваат и сомнавањата дека трејлерот и извесната сцена што се појавија на социјалните мрежи, а за која продуцентот тврдеше дека е само најава за серијата што се снима, се работени експресно и со цел да ѝ се замачкаат очите на јавноста.
Со новите докази посебниот извештај за овој случај, даден пред Основното јавно обвинителство, ќе биде дополнет и со кривична пријава за Винко Грубишиќ за основано сомневање за ненаменско трошење средства и перење пари, со што државата е оштетена со речиси 1,1 милион евра.
Пред Основното јавно обвинителство веќе има кривична пријава за поранешната директорка на Агенцијата за филм, Мими Ѓоргоска-Илевска, за злоупотреба на службената положба и пречекорени овластувања.
Според пријавата, при постапката за финансирање на проектот – играна серија „Македонија“, Ѓоргоска-Илевска му овозможила на Друштвото за филмска и видеопродукција „Јадран филм“ ДООЕЛ Скопје да стекне противправна имотна корист во горенаведениот износ, а на штета на буџетот на Република Македонија.
Претходните сознанија, како што веќе пишувавме, утврдија дека 1.100.000 евра за снимање на првата сезона со 14 епизоди, кои до денес не се доставени пред македонската Агенција за филм, во 65 отсто се изнесени надвор од државата, со што е прекршен уште еден закон од филмската дејност, кој налага најмaлку овој процент од вкупниот буџет што му се дава на продуцентот да биде потрошен тука.
Имено, 277.592 илјади евра денари се уплатени на фирма во Македонија, речиси 15.000 евра завршиле на сметка на фирма во Америка, а остатокот се уплаќани на фирми на Винко Грубишиќ во Хрватска. Од неговите фирми, три се во стечајна постапка, а што се однесува до дејноста, таа е повеќенаменска и не е единствено за филмска дејност.
Серијата „Македонија“ требаше да биде доставена до Агенцијата за филм до 4 септември, а за следните сезони беа предвидени уште 3 милиони евра. Договорот беше прекинат бидејќи не беа исполнети предвидените обврски кон Агенцијата, а истражувањата за натамошните одговорности и нерегуларности беа предадени на институциите на системот.
Ова е и првиот случај од кој Владата го сврте бројчаникот за враќање на долгот и од сметката на Винко Грубишиќ беа одземени 300.000 евра, колку што биле затекнати во моментот. За можноста да се вратат преостанатите пари, надлежните велат дека во Македонија тој нема регистрано никаков имот, но по кривичната одговорност, ќе се преземат мерки во согласност со законот за да се наплати штетата.
Пред неколку дена и хрватските медиуми осамнаа со напис „Филмскиот гигант на колена“, вести што се однесуваат на стечајот на „Јадран филм“ и побарување на доверителите да го наплатат долгот на загубарот.
Како што се вели во текстот, на продажба одат дел од комплексот згради и дворното место, а во судскиот заклучок за јавното наддавање, што следуваше по известувањето на стечајниот управител на „Филм дистрибуција“, се истакнува дека на наведените недвижности се запишани повеќе хипотеки на Хрватската поштанска банка со вкупен износ од 8 милиони куни.
Откако оваа филмска измама беше обелоденета во медиумите, по секој напис, следуваа соопштенија од продуцентската куќа „Јадран филм“ во обид да се негираат сите сознанија на истрагата на Управата за финансиска полиција.
Тие постојано тврдеа дека серијата се снима и дека станува збор за фирма со повеќедецениско постоење.
Каде точно завршиле парите дадени за серијата со историски карактер и за каква намена, чекаме да нè информираат надлежните институции, но со сигурност со нив не е плаќана „Македонија“. (А.В)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.