Daily news
Нова книга: „Копање“ од велшкиот писател Кинан Џонс-роман за психологијата на тагата
Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје, неодамна го објави романот „Копање“ од велшкиот писател Кинан Џонс, во превод од англиски јазик на Дарко Цветаноски. Романот е добитник на наградата „Книга на годината“ во Велс за 2015 година.
„Копање“ е жесток краток роман, сочинет од испреплетените приказни на ловец на јазовци и еден неутешен фармер, кои се одвиваат во сурова рурална средина каде што човекот, животното, земјата и временските услови постојано се жестоко спротивставени.
Патиштата на двајцата се вкрстуваат со трагична неминовност. Џонс брилијантно пишува за психологијата на жалоста и изолираноста поради загуба, како и за едноставната суровост на животинското постоење со непоколебливо око на натуралист. Неговата проза е минималистичка со резонантна едноставност и повремена раскошност. Овој роман е кус, но пука со насобрана потисната енергија што прави да зазема поголем простор отколку што зафаќа на прв поглед.
Кинан Џонс (1975) е велшки писател од помладата генерација, но веќе афирмиран и наградуван. Неговиот прв роман, „Долгата суша“ (2006), ја добива наградата „Бети Траск“ на британското Здружение на писатели. Во 2013 година Џонс влегува во потесен избор за наградата за најдобар расказ на „Сандеј тајмс“. Неговиот последен роман, „Копање“ (2014), е прогласен за книга на годината во Велс во 2015 година, и е добитник на наградата Jerwood
Fiction Uncovered. Неговите дела се преведени на повеќе јазици, меѓу кои француски, германски, италијански, шпански, португалски, турски, арапски, и др.
Неговиот роман „Копање“ доби одлични одгласи од книжевната критика и медиумите.
За него, меѓу другото, е речено: „’Копање‘ го претвора читателот во беспомошно животно; втренчено чекајќи го тој удар по черепот. Првиот неочекуван емотивен удар е всушност најлошиот, но приказната што се развива од овој шок е како јамка за јазовец: можеме да навиваме за аутсајдерот, но играта е наместена – можен е само еден исход“ – „Гардијан“.
„Длабок и извонредно збиен… моќен… диптих за насилството, загубата и различните
начини на кои некој може да биде заробен. Целосно е непоколеблив во описот на суровоста со којашто се соочуваат јазовците… и покрај тоа ’Копање‘ има силен морален компас, а насилството никогаш не е непотребно. Ова е роман со тежина далеку над неговата големина.“ – „Њујорк тајмс“.
„Мала, прекрасно составена приказна за загуба наспроти бруталноста на ловењето јазовци… Џонс покажува дека краткиот роман може да биде исто толку епски, а и стилски опсежен како и долгиот. Сместен меѓу непријателски настроена природа, ги опишува
загубата, жалоста, како и тоа како природниот циклус на смртта и распаѓањето влијае надушата“ – „Индепедент“
„’Копање‘ е извонреден роман, и поради тоа што е милосрдно мал, може да се чита како поезија, оставајќи зборовите да резонираат во черепот додека не се појават неверојатно привлечните шаблони на неговото длабоко значење.“ – Times. крај/мф/ав
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.