Daily news
Сорос е добредојден во Брисел
Европската комисија (ЕК) му подготвува срдечен пречек на милијадерот Џорџ Сорос в четврток во Брисел.
Претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер, потпретседателот на ЕК, Франс Тимерманс, и комесарите за правда и вработеност, Вера Јурова и Јурки Катаинен, в четврток на своите агенди имаат средба со Сорос. Тема на средбите е унгарскиот закон со кој оваа земја сака да ја сопре работата на Универзитетот на Југоисточна Европа, кој е основан и финансиран од Сорос, но и законодавството на Унгарија со кое им се отежнува работата на невладините организации финансирани од странски фондови.
На средбите со Сорос нема да биде избегната ни темата за „ловот” врз невладините организации финансирани од милијадерот во балканските земји.
Универзитетот на Југоисточна Европа е предмет на несогласување помеѓу Будимпешта и ЕК бидејќи со нацрт-законот во Унгарија се нарушува владеењето на правото и демократските стандарди.
Брисел смета дека овие нацрт-закони во Унгарија се напад на унгарската влада врз либералните демократски вредности на ЕУ.
Унгарската влада изјави дека невладините организации финансирани од Сорос, како унгарскиот Хелсиншки комитет и Транспаренси интернешнел, се дел од мрежата „странски агенти” кои сакаат да влијаат врз унгарската политика.
Средбите на највисоки функционери на ЕУ со Сорос се одржуваа ден пред самитот на Европската народна партија. На овој самит Јункер и другите политичари од оваа политичка група, на која ѝ припаѓаат и партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан и нашиот ВМРО-ДПМНЕ, ќе се сретнат со Орбан. Тие најавуваат дека Орбан ќе се соочи со остри критики поради непочитување на европските вредности.
ЕК се закани дека оваа недела ќе отвори прекршочна постапка против Унгарија токму поради овој нацрт закон во сферата на образованието кој треба де биде усвоен кон средината на мај.
Американскиот Стејт департмент изрази загриженост поради овие закони и рече дека унгарската влада тој проблем треба да го реши.
Пред една недела група од 11 сенатори, демократи и републиканци, предводени од Крис Марфи, испрати писмо до Орбан за Универзитетот на Јјугоисточна Европа во кое тие изразуваат стравување дека законот ќе биде опасен за академската слобода и академските институции во Унгарија. На писмото се потпишани и републиканските сенатори Џон Маккејн, Орин Хач и демократите Дајан Фејнштеин и Чак Самер. крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
