Daily news
Храна од која се создава најмногу целулит

Целулитот претставува воспаление на кожата поради акумулација на поткожните маснотии и неправилното нејзино складирање и деградација.
Газирани засладени пијалоци
Старееме и производството на колаген во телото се намалува. Тоа е процес на кој тешко може да се спротиставиме. Но, внесувањето на газирани и засладени пијалоци го забрзува процесот и ја влошува ситуацијата.
Затоа едноставно престанете да пиете слатки и газирани безалкохолни пијалаци, ако сакате да се заштитите од целулит.
Урда
Урдата се препорачува кај почитувачите на диета за слабеење поради ниското количество масти. Таа сепак е солена, а тоа е предуслов за задржување на повеќе вода и минерални соединенија во телото. Тие предизвикуваат појава на целулит и непријатните жлебови по кожата, познати како “кожа како портокал”.
Соја сос
Соја сосот предизвикува појава на целулит поради истата причина – неумерена соленост. Освен тоа честата употреба на соја сос предизвикува и поголема видливост на целулитот.
Забележете – комбинацијата на натриум хлорид и вода не е добра опција не само за целулит, но е штетна и за кардиоваскуларниот систем.
Преработени десерти
Сите колачи, вафли, барови, месени колачи и торти се причина за појава на целулит. Тие содржат огромни количини на шеќер, кои не само што предизвикуваат дебелеење, но и ја прават кожата воспалена и кадрава од целулит.
Шеќерот е главен непријател на колагенот. А, колагенот е пријател на здрава кожа.
Бел леб
Рафинираното брашно ја влошува состојбата на кожата и го прави целулитот уште повидлив. Белите брашна и производите направени од нив го зголемуваат гликемискиот индекс, што повторно влијае на колагенот и метаболизмот на хранливите материи.
Како резултат на обработката во организмот се акумулира вишокот масти, кои се складираат во масните депоа.
Маргарин
Маргаринот е богат со транс масти, кои имаат својство да се зацврстуваат кога ќе влезат во телото. Така ги оптоварувате крвните садови со плакети, кои помагаат за акумулација на лош холестерол и се депонирани во поткожните масни депоа.
Целулитот во случајот дури ви е најмалиот проблем. При прекумерна употреба на маргарин здравјето може сериозно да настрада.
Пица
Пицата е омилена на милиони луѓе ширум светот, но тоа не значи дека не треба да внимавате со неа.
Во пицата се содржат многу заситени масти и тоа од различни групи, поради едноставна причина што во неа има многу различни производи кои содржат масти.
Презаситеноста на организмот со масти доведува до намален прилив на кислород до ткивата, вклучувајќи ја и кожата. Поради тоа сврзното ткиво страда и се јавуваат воспаленија. Едно од нив е целулитот.
Преработено месо и сирење
Ако сте љубители на месото и млечните производи – јадете ги во природниот изглед. Преработеното месо во форма на колбас е штетно, исто како и преработените сирење, во форма на суровини за подмачкување.
Во нив има додадени заситени и транс масти, како и бројни додатоци за подигање на формата, хемиски соединенија што ја поддржуваат текстурата на производот и го задржуваат свеж со недели, дури и месеци.
Сите овие материи се таложат во телото и предизвикуваат не само задржување на водата, но и погрешно вршење на метаболичките процеси. Борбата со целулитот ќе е многу тешка, ако ги јадете често таквите производи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Прва правна конференција Tres Partes

На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната

Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера

Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.