Daily news
Алкохолизмот главна причина за семејно насилство
Алкохолизмот главна причина за семејно насилство во Струмица, а според статистиката жртви се жените, истакнаа денеска од Организацијата на жени, организатори на дебатата „Заедно против насилството врз жените.“
– Во 2015 година имавме најголем број изречени привремени мерки од семејно насилство на луѓе кои злоупотребуваат алкохол, на кои, согласно законските прописи подлежат на задолжително лекување од алкохолизам во институција од затворен тип, обично тоа е Психијатриската болница Негорци. Бројките за 2017 не се сумирани, но во 2016 година имавме поднесено 40 кривични пријави за семејно насилство и сите извршители беа мажи – рече Нетка Ковачева, адвокат и дел од Организацијата на жени.
Македонија се подготвува за ратификација на Истанбулската конвенција за заштита од родово базирано насилство, рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
– Очекувам во рамките на овие „16 дена активизам против родово базирано насилство“ како дел од глобалната кампања на ООН, Владата да го донесе Законот за ратификација на Истанбулската конвенција и да ја достави до Собранието каде сметам дека едногласно ќе биде изгласана. Со неа, ќе имаме обврска да имаме координиран систем помеѓу сите институции за одговор на родово базирано насилство – рече Царовска.
Додаде дека во Македонија постојат четири шелтер центри за жртви на семејно насилство и дека Министерството работи на отворање на првиот шелтер центар за жртви на сексуално насилство.
– Во Македонија има Програма за работа со насилниците, но се спроведува само во Скопје. Потребен е кадар и се насочуваме кон тоа на цела територија на Македонија da припремиме психотерапевти кои ќе работат со насилниците. Другото е лесно, една просторија и два психотерапевти. За жал во последниве 11 години не се работело на создавање соодветен кадар и низ цела Македонија – додаде Царовска.
Покровител на дебатата, што ја организира Организацијата на жени од Струмица, е сопругата на претседателот на Владата на РМ, Зорица Заева.
– Чест ми е што сум овде и што отвораме тема за која мора да сме гласни и одлучни кога зборуваме. Не смее да постои толеранција за насилство. Местото на жената не е во кујната. Не постои во овој свет место на жените или место на мажите. Сите сме еднакви. Не постојат права на жени, туку човекови права и овде сите сме еднакви – рече Заева.
Дебатата се организира со цел преку заедничко дејствување да дојде до намалување или целосно елиминирање на родово базираното насилство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.