Daily news
Белгија ја предупредила Франција дека Абу Јусуф планира терористички напад
Француските разузнавачки служби уште еднаш потфрлиле и дозволиле да се случи терористички напад, пренесе Б92. Во четвртокот, во центарот на Париз, еден полицаец беше убиен, а двајца се тешко ранети во терористичкиот напад. Одговорноста за нападот ја презеде Исламската држава (ИД).
„Извршител на нападот на Елисејските полиња во центарот на Париз е Абу Јусуф, Белгиец и тој е еден од борците на Исламската држава“, се наведува во соопштението на медиумската мрежа Амак која е блиска до ИД, пренесе агенцијата АФП.
За разлика од претходните напади на ИД, овој бил насочен директно кон припадници на безбедносните сили, еден го загуби животот, а двајца биле тешко ранети.
Белгиските служби во четвртокот на своите француски колеги им ја проследиле информацијата дека Јусуф ел Осри тргнал од Белгија кон Париз.
„Проблемот-Ел Осри Јусуф (17/6/1981) е на пат кон Париз. Драги колеги, полицијата во Антверпен има информации за едно лице кое има досие во нашата служба. Тоа лице купило билет во Тали и во шест часот ја напуштило Белгија. Ви испраќаме фотографија. Поздрав“, се наведува во пораката на белгиската разузнавачка служба.
Непосредно по објавувањето на информацијата дека на Елисејските полиња, на патот кој води до Триумфалната порта, на булеварот кој е еден од најпрометните во светот се случил терористички напад, медиумите објавија дека „извршител на нападот е лице за кое постојат разузнавачки информации“.
Комплетна конфузија во хаосот кој настанал предизвика и информацијата дека полицијата не е сигурна дали во нападот учествувал еден или повеќе напаѓачи.
Идентитетот на лицето кое е застрелано од полицијата не е објавен, но се појави фотографија на белгискиот државјанин, со непотврдени информации дека тој му помагал на напаѓачот и дека полицијата трага по него.
Дилемите ги реши медиумската мрежа Амак која е блиска до ИД, дека борец на оваа терористичка организација го извршил нападот.
Ел Осри со овој напад ја продолжи црната серија која ја имаат белгиските државјани во Франција и постои голема веројатност дека има блиски врски „во срцето на ИД во срцето на Европската унија“ квартот Моленбек во Брисел. Од овој кварт потекнуваат најголем број од терористите кои изминатите неколку години усмртија стотици луѓе во Франција.
Инаку во ситуацја кога Франција се наоѓа во вонредна состојба за три дена во државата ќе се одржат претседателските избори. крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.