Подготвениот предлог-буџет за 2018 година од страна на Министерството за финансии, денеска ќе биде на дневен ред на седница на Владата, која е закажана за доцна попладнево.
Предлог-буџетот за 2018 година е проектиран на 211,7 милијарди денари или 3,44 милијарди евра. Приходите се планирани на 193,5 милијарди, а буџетскиот дефицит на 18,2 милијарди денари или 2,7 процента од БДП. За капитални расходи се предвидени 24,7 милијарди денари, а во предложениот буџет има средства и за повисоки плати во образованието, здравството, како и за зголемување на пензиите, односно нивно усогласување со трошоците на живеење.
Повеќето од расходите се наменети за пензии, социјална и детска заштита со 32 отсто од вкупните расходи, 19 процнети се наменети за економски развој и финансиски работи, 14 отсто за здравство, 11 проценти за образование, наука и спорт, по пет проценти за градежништво, транспорт, комуникација и екологија, земјоделство и јавен ред и безбедност, три проценти за одбрана, по два отсто за надворешни работи и ЕУ-интеграција и култура и по еден отсто за судство и регионален развој.
Платите се проектирани на 27,1 милијарди денари и има раст од 460 милиони денари поради повисоките плати за сите припадници на АРМ, нови вработувања во детските градинки, како и зголемувањето на платите во здравството, образованието и во градинките за пет проценти, кое е планирано со септемвриската плата во 2018 година.
Кај капиталните расходи е планиран раст од 1,3 милијарда денари повеќе во однос на ребалансот од 2017 година. Министерот рече дека е планирано интезивирање на сите активности на патната и железничката инфраструктура, комуналната и енергетската инфраструктура, инвестиции во здравството, образованието и детската заштита, а особено се зголемени средствата за одбрана и гасификација.
За стоки и услуги се предвидени 17,2 милијарди денари и тие се пониски 420 милиони денари, односно 2,4 процента во однос на проектираното за 2017 година.
Со предлог-буџетот за 2018 година се предвидува зголемување на акцизата за нафтата за три денари, од што очекуваниот ефект ќе изнесува 1,6 милијарда денари, а од ДДВ 350 милиони денари и со тоа ќе има дополнителни приходи за Јавното претпријатие за државни патишта.
Предлог-буџетот за наредната година првпат од осамостојувањето е претставен во јавноста пред да биде испратен на усвојување во Владата, а потоа и до Собранието. Беше организирана и јавна дебата со премиерот Зоран Заев, министерот за финансии, Драган Тевдовски, и експерти, а беа поканети и претставници од опозицијата што одлучија да не учествуваат. Предлог-буџетот беше претставен и пред синдикатите, стопанските комори и невладиниот сектор.