Daily news
Вардар од Фленсбург гледа кон Келн
Два натпревари ги делат ракометарите на Вардар од пласман на завршниот турнир во Лигата на шампионите. Последната пречка на патот до Келн е стариот должник Фленсбург. В сабота, во „Феленс арена“, Фленсбург ќе го пречека во првиот четвртфинален натпревар во Лигата на шампионите.
Најдобрата сезона во клупската историја, сезоната во која доминантно ја освоија регионалната СЕХА лига и победија во Б групата во Лигата на шампионите, што им овозможи директен пласман во четвртфиналето, вардаровите ракометари ќе се обидат да ја крунисаат со пласман на завршниот турнир во елитната конкуренција.
На патот до Келн, на „црвено-црните“ им стои должникот Фленсбург, екипа која пред три сезони го елиминира Вардар во оваа фаза само поради поголемиот број на голови постигнати на гостински терен.
Иако минаа три години свежи се сеќавањата на тој четвртфинален реванш, кој тогаш се одигра во арената „Борис Трајковски“ и голот на Данецот Егерт постигнат од седмерец во последната секунда. Подоцна Фленсубург на завршниот турнир со неверојатен пресврт ја победи Барселона во финалето и ја освои европската титула.
Понесени од добрата форма, резултатите кои стојат зад нив оваа сезона, играчите на тренерот Раул Гонзалес, со оптимизам, уште во четвртокот заминаа за Германија. Шпанскиот стратег има само еден проблем пред дуелот, тој се вика Игор Карачиќ, кој поради болест не отпатува со тимот.
„Мораме да одиграме добро во Германија, не смееме да го чекаме реваншот. Треба да бидеме концентрирани и да се обидеме да победиме во Фленсбург. Ќе бидеме блиску до таа цел доколку ја повториме играта од завршниот турнир во СЕХА лигата“, вели Раул Гонзалес.
На зборовите на својот тренер се надоврза и капитенот на екипата Стојанче Стоилов кој вели дека тимот игра многу позрело во однос на изминатите години.
„Четири години се обидуваме да стигнеме до Келн. Ова е нашата најдобра сезона, ја освоивме СЕХА лигата, бевме први во групата. Делуваме зрело и подготвено за предизвиците. Посакувам позитивен резултат на првиот меч, а потоа на домашен терен со нашите навивачи да го прославиме пласманот во Келн“, вели Стоилов.
Тежок двомеч очекуваат и во редвовите на првопласираниот тим во германската Бундеслига, а искусниот капитен на Фленсбург, Тобијас Карлсон смета дека одбраната ќе ја има клучната улога во двата меча.
Фленсбург и Вардар својот дуел, в сабота, ќе го започнат во 17:30 часот, а реваншот во Скопје е наредниот четврток. крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.