Daily news
Венецуела: Хаос на улиците, најмалку десет мртви
Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, прогласи победа на изборите за уставотворното собрание. Опозицијата ја оспори победата велејќи дека гласале само 12 отсто од избирачите. За време на гласањето многу демонстранти против изборите што ги спроведе претседателот константно се судираа со полицијата. Според полициски извори, животите ги загубиле најмалку 10 лица.
„Имаме уставотворно собрание“, рекол Мадуро обраќајќи им се на стотици свои приврзаници во Каракас кога изборната комисија соопшти дека на изборите излегле 41,5 отсто од избричите. Од друга страна, опозицијата наведува дека одѕивот бил само 12 отсто.
„Ова е најголема победа што револуцијата ја оствари во 18-годишната историја“, рекол Мадуро.
Гласачите избирале 545 члена на уставотворното собрание, чие формирање го бараше претседателот на Венецуела.
Опозицијата со месеци се противи на овој предлог со образложение дека Мадуро само ќе ја зајакне диктатурата.
Мадуро, кој е непопуларен во Венецуела поради економскиот колапс кој во изминатите четири години ѝ се случи на државата, инсистирал на гласањето со цел да се оформи собрание кое би имало широки овластувања. На ваквиот предлог опозицијата одговори со повеќемесечни протести, а САД ѝ се заканија на Венецуела со санкции.
Критичарите предупредуваат дека собранието ќе му овозможи на Мадуро да го распушти Конгресот во кој мнозинството го има опозицијата, односно дека ќе ги одложи идните избори и ќе ги смени изборните правила.
Американската амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли, преку „Твитер“ порачала дека изборите што ги организира Мадуро се „уште еден чекор кон диктатура“ и дека САД „нема да ја прифатат незаконската влада“ во Каракас.
Агенцијата „Ројтерс“, која го објави твитот на Хејли, пишува дека ова може да се толкува и како прв официјален став на Вашингтон на гласањето што го организира претседателот Мадуро. н.ц.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.