Daily news
(ВИДЕО) По приказната на „Макфакс“, семејството Јовановски доби струја, а мајката вработување
Светнаа светилките во домот на тричленото семејство Јовановски од скопската населба 11 Октомври, кое три години живееше без струја, а мајката Светлана, невработена, доби понуда за работа.
Неполн час откако „Макфакс“ во вторникот ја објави приказната за семејството, во редакцијата се јави фирма што ѝ понуди работа на Светлана. Вели дека ќе ја прифати понудата и нестрплива е да почне да заработува за дел по дел да си го среди домот.
ЕВН вчера попладне им пуштило струја бидејќи добило гаранција дека ќе почне отплатата на долгот, кој надминува 200.000 денари.
Нема крај на радостите на седумгодишниот Давид, кој синоќа првпат домашните задачи ги напишал на светилки. Неговот татко Ласте вели дека се чувствува како повторно да се родил оти животот без струја бил многу тежок.
Се обиделе веднаш да го вклучат телевизорот, но не успеале оти во меѓувреме сигналот на телевизиите стана дигитален, а тие немаат модем. Останале до доцна во друштво на транзиситорот на батерии, кој изминативе години им бил единствена занимација навечер.
Утрово, пак, кога екипата на „Макфакс“ дојде да ги сними со светло во домот, открија дефект во инсталацијата. Стара е колку што е стара и бараката, од 1964 година, и трите години неупотреба довеле до дополнителни оштетувања, па сега, иако имаат струја, немаат светло оти има дефект, кој допрва треба да го откријат за да го отстранат.
Велат дека имаат фрижидер, но не стигнале да го вклучат. Се радуваат што повеќе нема да топлат вода во лонец на шпоретот на дрва за да се бањаат и се надеваат дека бојлерот во бањата е сè уште во исправна состојба.
Струјата им ја пушти ЕВН по барање на здружението на граѓани „Љубезност“, кое подолг период му помага на семејството. Тони Станковски, активист на здружението, вели дека имале донација од граѓанин, со која почнале да го отплаќаат долгот, а најави и дека ќе им помогне да го отстранат и дефектот на инсталацијата. Ќе продолжат да му помагаат на семејството и со храна сè додека има потреба од тоа. Станковски објасни дека ќе им помогнат со комбе да го расчистат дворот кој е затрупан со штици, остатоци од стар мебел и старо железо, што семејството ги прибирало за да може да презими. Она што може да се продаде во отпад, ќе го продадат, а дрвата ќе им останат за греење.
((ВИДЕО) Со 7-годишно дете три години живеат без струја)
М.И.П.
Камера: Никола Ордевски/Монтажа: Бојан Ефремов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.