Daily news
(ВИДЕО) Хилари Клинтон го обвини сексизмот, ФБИ и Русија за поразот на изборите
Сексизмот, ФБИ и мешањето на Русија се причините за поразот на претседателските избори – ова го изјави Хилари Клинтон за време на годишната средба на невладината организација Вомен фор вомен интернешнл (Women for Women International) во Њујорк.
„Кампањата не беше совршена. Такво нешто не постои”, изјави Клинтон пред познатата водителка од Си-ен-ен, Кристијан Аманпур.
„Но, јас бев на пат да победам, додека комбинацијата од писмото на (директорот на ФБИ) Џејмс Коми од 28 октомври и рускиот Викиликс не внесоа сомнежи во главите на луѓето кои беа подготвени да гласаат за мене и, конечно, се уплашија” рече таа.
Хилари Клинтон укажа на писмото на Коми до Конгресот со кое ФБИ повторно отвора истрага за пораките што Клинтон ги испраќала од личен сервер, а не од службените сервери на Стејт департментот.
Тоа беше испратено неколку дена пред самото гласање и наскоро потоа ФБИ објави дека нема отворени нерегуларности.
Во интервјуто Клинтон ја истакна улогата на Русија во украдените пораки.
„Тој (рускиот претседател Владимир Путин) сигурно се вмеша во изборите”, рече Клинтон.
“Исто така, јасно е дека се интервенира за да ми се наштети и да му се помогне на мојот противник”, додаде таа.
Прашана од Аманпур дали се смета за жртва на омраза кон жените, Клинтон одговори дека тоа исто така одигра извесна улога. „Сексизмот е во голема мера дел од политичкиот, општествениот и економскиот пејзаж”, истакна таа.
„Дали допуштив грешки? Боже мој, да. Апсолутно преземам лична одговорност. Кандидатка бев јас”, изјави Клинтон и вети „исповед и молба за прошка” во книга, која ќе излезе на есен.
„Причината за загубата, сепак, не ја гледа во настаните од последните десет дена на изборната кампања, додаде таа и инсистираше дека физибилити гласањето, социолошките анкети и локалните студии ме покажуваа за победник до крајот на октомври. Ако изборите беа на 27 октомври, јас ќе бев вашиот претседател “, изјави Клинтон.
„Победив за три милиони гласа повеќе од својот противник”, истакна Клинтон.
Трамп загуби во народното гласање, но освои во индиректните избори во изборната комисија по држави.
Трамп како претседател
Хилари Клинтон остро го критикуваше однесувањето на претседателот Трамп по преземањето на функцијата, вклучувајќи ги неговите изјави за надворешна политика и склоноста да поставува пораки и коментари на Твитер, и да се идентификува како „дел од отпорот”, пишува „Њујорк тајмс”.
Таа изрази изненадување од несериозниот пристап на Белата куќа кон прашања како што се здравството и севернокорејската нуклеарна програма.
Клинтон ја критикуваше изјавата на Трамп дека е подготвен да се сретне со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, кој го дефинира како импулсивен и наивен. Северна Кореја одамна се обидува да ги примами американските лидери кон директен контакт, „за да го подигнат статусот и позиција, и ние треба многу да внимаваме тоа да не го дозволиме”, рече Клинтон.
„Не треба да се нуди такво нешто во отсуство на заедничка стратешка рамка во која треба да се направи обид таа да биде предводена од Кина, Јапонија, Русија, Јужна Кореја и да му покажат на режимот таков притисок дека тој треба да седне на преговарачка маса. Директните разговори треба да се дел од заедничката стратегија, а не некое утро да го видиш тоа на Твитер: ‘Еј, дај да се собереме и да видиме што ќе се договориме’”, рече таа.
Клинтон има специјален статус меѓу противниците на Трамп бидејќи е знаменосец на Демократската партија. Иако се идентификува како приватно лице, таа јавно се стави во кампот на јавното незадоволство од поранешниот ривал, забележува „Њујорк тајмс”. „Повторно сум активен граѓанин и сум дел од отпорот”, рече таа….крај/мф/кс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.