Daily news
Влада: Лани 100 вработени за односи со јавност и придружни функции, годинава 116
Во 2016 година во Владата и министерствата биле вработени 100 лица што работеле односи со јавност и придружни функции, информира денеска Владата на редовниот брифинг со новинарите.
Во 2017 година, пак, бројот на луѓе што се ангажирани во секторите за односи со јавност во Владата и министерствата со примарна дејност односи со јавност, според Владата, изнесува 46 лица, а дополнително во овие сектори 57 лица работат придружни функции.
„Овие функции се комплементарни, меѓутоа не се специфично односи со јавност, тука влегуваат и друг тип вештини, како што се координација, логистика, анализа, истражување, снимање итн.“, велат од Владата.
Тие информираа дека има и 13 вработени во овие сектори кои се според старата систематизација и сè уште се дел од тој систем, меѓутоа овие 13 лица не исполнуваат никакви работни обврски, ниту придружни ниту примарни од аспект на односи со јавност.
Според Владата, вкупната бројка на вработени во секторите за односи со јавност во Владата и министерствата годинава изнесува 116 лица.
„Бројката на ангажирани лица што работат исклучиво односи со јавност во моментот изнесува 46, и таа е за Владата, министрите без ресор и сите министерства. Во рамките на Владата примени се и 26 лица нововработени“, истакна портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.
Од Владата истакнаа дека за разлика од претходната влада, тие веќе не трошат пари на скапи пиар-кампањи за рекламирање ниту, пак, прават надворешни договори со компании или консултантски агенции за креирање позитивна реклама на нивната работа или за пропаганда.
Истакнаа дека постои драстична разлика во парите што се трошеле изминативе години. На трошоци за односи со јавност и рекламирање во 2014 година биле потрошени 7,5 милиони евра, во 2015 – 5,5 милиони евра, во 2016 – 1,1 милион евра, а во 2017 – 0,5 милиони евра. Во 2016 за бруто-плати во секторите за односи со јавност биле потрошени 55 милиони денари, а во 2017 – 32 милиона денари. Иако бројките годинава се помали, на брифингот беше истакнато дека прерано е да се процени дали во 2018 ќе се трошат помалку пари за плати за овие сектори од тоа што го трошела претходната власт бидејќи некои од вработените не се примени од почетокот на годината, туку подоцна.
Брифингот за темата дојде кога „Макфакс“ објави дека во Владата и министерствата во моментот најмалку 120 луѓе работат во секторите за односи со јавност (ПР) и комуникации. Бројките се слични со трендовите што ги објави „Макфакс“ за овие сектори. Според информациите што ги добивме од одговорите на барањата за слободен пристап до информации до институциите, бројот на лицата што работат односи со јавност и комуникации во министерствата и Владата е зголемен најмалку 18 лица од лани. Платите и хонорарите на вработените што работат односи со јавност во Владата и министерствата за 2016 ги чинеле граѓаните најмалку 690 илјади евра годишно. Според овие податоци, годинава за платите на овие вработени досега биле потрошени најмалку 562 илјади евра, но податоците за платите за 2017 не се целосни заради тоа што годината не е завршена, но и затоа што некои од институциите ни дадоа податоци само за шест, седум или осум месеци.
Кристина Озимец
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.