Daily news
ВМРО-ДПМНЕ бара да запрат предизборните напади
Славче Трпевски од ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство да реагира за предизборните инциденти бидејќи, според партијата, органите под контрола на СДСМ активно учествуваат во нарушување на изборната атмосфера.
„Денес кога треба да има митинг во општина Ѓорче Петров, опожарена е семејната куќа на кандидатот за градоначалник, Владо Мисајловски. Уништена е речиси во целост, а само пред неколку недели е утврдена целосна техничка исправност на целата опрема и на инсталацијата на семејната пекарница, која е дел од семејниот дом на Мисајловски. Крим-тимот од МВР за утврдување на причините за пожарот сè уште не е излезен на терен.
Вчера се случи крвав инцидент и физички напад врз кандидатот за градоначалник на Шуто Оризари, Елвис Бајрам. Нападнат е актуелниот и истовремено и кандидат за градоначалник. Нанесени му се тешки телесни повреди со тупаници, боксирачи, метални прачки.
Сите овие инциденти се израз на нервозата во редовите на СДС и свесноста дека ќе доживеат пораз. Кога не би биле нервозни и соочени со уште еден изборен пораз, не би се случувале груби нарушувања на изборниот процес.
Пукање, физички пресметки, тешки телесни повреди, злоупотреба на полиција во изборни цели, закани, притисоци, скршени штабови, партиски агитирања од членови на изборните комисии, е само дел од сликата што СДС ја гради и доказ за нервозата за поразот на 15 октомври. Треба ли човечки живот да се загуби за институциите да почнат да дејствуваат?
Институциите покажуваат недостиг на капaцитет и способност да ги расветлат ваквите настани, а органите под контрола на СДС се активно вклучени во нарушување на изборната атмосфера. Епилогот од првите десет дена избори се:
– Физички нападнат кандидатот за градоначалник на Шуто Оризари со тешки телесни повреди.
– Застрелан носителот на советничката листа во Кичево, Алит Абази.
– Кандидатот за градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, без каква било причина беше застанат и малтретиран од страна на претставници на МВР, а досега никој, за жал, не е санкциониран поради тој настан.
– Искршени се штабови на ВМРО-ДПМНЕ во Кисела Вода, Битола, демолиран штаб на Демократската партија на Србите, која е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.
– Во Прилеп кандидатот за градоначалник од СДС, пратеничката на СДС од Прилеп и директорот на Центарот за социјални работи организирано делеа зејтин и други продукти помеѓу граѓаните.
– Претходно, во Ресен директорката на Центарот за социјални работи им се заканувала на станарите во социјалните згради дека ако не гласаат на СДС, треба да си ги пакуваат куферите.
– Два дена подоцна во Крушево беше обелоденет скандал со сеча на огревно дрво, кое подоцна беше делено на граѓаните пред штабот на СДС во градот, секако, барајќи гласови за возврат.
– Спротивно на законот организираат избори и агитираат за СДС. Претседателите на општинските изборни комисии во Кисела Вода и Кратово, наместо организирање избори, одат и агитираат во кампањата на СДС.
– Има флагрантно мешање на партијата и државата. Министерката за труд и социјална политика се вклучи во изборите и ги лаже граѓаните дека ќе изгради градинка, а по којзнае кој пат министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, иако реално ги намали субвенциите на две и пол недели пред изборите, ветува дека ќе се дадат субвенции.
– Куманово е преплавено со партиска полиција, која во последните четири месеци Оливер Спасовски ја стави во функција на СДС, а цел СВР Тетово е на партиски состаноци во Мала Речица за што има и фотографии од тоа.
– Се случува организирана политичка хајка против кандидати за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. На само ден по објавување на кандидатурите, се почна со објавување измислени кривични пријави за измислени дела. Па, така, се поднесоа пријави против градоначалниците: на Крива Паланка само затоа што организирал превоз на ученици од социјално ранливи семејства за надоместок помал од 3 илјади евра, за градоначалникот на Велес затоа што ставил точка на дневен ред пред повеќе од 5 години на Советот на Општина Велес, за градоначалникот на Прилеп затоа што не ја осигурил општинската зграда од нагрдувањето извршено од шарените платеници, додека тие сега слободно шетаат низ градот.
– Извршен е упад во исто време во Општината и фирмата на градоначалникот на Вевчани, а измислени пријави добија градоначалниците на Кавадарци и Ново Село, како и на Штип, затоа тоа што направил пристапен пат до фабрика која е странска инвестиција и која вработува стотици штипјани.
– Министерството за внатрешни работи покажува исклучителна неспособност и пристрасност во расчистувањето на овие изборни инциденти и во одредени од нив настани е активен учесник.
Затоа го повикуваме Јавното обвинителство и јавниот в.д. обвинител најитно да преземат мерки и да ги расветлат сите нарушувања на изборниот процес. Нервоза доминира во редовите на СДС, но ќе му порачаме дека поразот не му бега на 15 октомври“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.