Во Македонија 21,8 процент или 450.500 граѓани се сиромашни, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика за 2016 година. Од вкупниот број сиромашни, девет проценти се вработени, а 7,1 проценти се пензионери. Според објавените податоци, зголемување на стапката на сиромашија во однос на претходната година има од 0,3 проценти кога сиромашни биле 21,5 отсто од населението или 445.200 илјади граѓани, а намалување во однос на 2014 година кога 22,1 процента или 457.200 граѓани биле сиромашни. Коефициентот Gini, кој е мерка за нееднаквоста во распределбата на приходите, изнесува 33,6 проценти.
Најголема стапка на сиромаштија од 50,6 проценти има кај домаќинствата со три или повеќе издржувани деца, а најниска во самечките домаќинства со еден возрасен член на возраст од над 65 години. Стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2016 година е 21,2 процент. Во 2016 година стапката на сиромаштија кај мажите била 22,2 процента, а кај жените 21,5 процент.
Од податоците може да се види и дека стапката на сиромаштија пред социјалните трансфери изнесува 41,6 процент пред социјалните трансфери со вклучени пензии 25,7 проценти и по социјалните трансфери 21,8 процент. Основа на пресметките на сиромаштијата се приходите, а прагот на сиромаштија е дефиниран на 60 проценти од медијалниот еквивалентен приход.
В. М.