Daily news
Главната причина за рак, инфаркт и астма се наоѓа во вашиот дом
Научниците предупредуваат дека секојдневните домашни работи или нивното избегнување значително можат да го нарушат здравјето на целото семејство!
На пример, активностите како перење и готвење неизбежно го менуваат воздухот кој го вдишувате во домот – користењето на хемикалии при бришење на подовите или прозорците испушта и до 900 видови токсични материи во воздухот! Исто така, во вашиот семеен дом во аглите се кријат мувла, полен, како и јаглерод моноксид кои ги донесувате на облеката, валканите сунѓери, шпоретите на плин, па е подобро да се преориентирате на домашни производи.
Најсилната врска со лошиот квалитет на воздухот во домот научниците ја пронашле со срцевите заболувања, рак на белите дробови и развојот на астма.
Симптоми кои укажуваат на загадување на воздухот во вашиот дом:
Кашлање, солзење на очите, вртоглавица, замор и главоболка се некои од поблагите знаци дека во вашиот дом воздухот е загаден. Но, можат да се појават и посилни симптоми како иритација на очите, осип, болка во мускулите, проблеми со дишењето, температура и чувство на студ.
За среќа, со следните совети можете значително да го намалите внесот на штетни честици, материи и микроорганизми во вашиот дом и така да избегнете опасни болести!
Совети кои можат да ви помогнат и кои треба да почнете да ги применувате веднаш
1. Водете сметка секој ден да ја проветрувате секоја просторија во домот.
2. Користете еколошки производи за чистење – во нив има помалку токсини и загадувачи, па поради тоа и воздухот ќе биде посвеж и почист.
3. Наместо дезедоранс во лимено шише, користете рол-он во пластична кутија.
4. После користењето, како и во текот на ноќта, исклучете ги од струја сите уреди кои не мора постојано да бидат уклучени како полначите кога уредите се полни – ќе имате двојна добивка: и почист воздух и помала сметка за струја!
5. На теписоните се собираат габи, грини, прав, влакна од домашните миленичиња и уште многу штетни честички, па подобро е да се одлучите за дрвен под и домашни влечки.
6. Никогаш дома немојте да влегувате облечени, бидејќи чевлите на себе носат многу загадувачи, нечистотии и земја, која така ќе ја разнесете по целиот дом, а подоцна неминовно ќе дојдете во контакт со неа.
7. Потрудете се облеката да ја сушите надвор на свеж воздух, а доколку немате можност за тоа, што почесто отворајте ги прозорците.
8. Редовно менувајте ги завесите на кадата и обрнете внимание да не бидат од винил – овој материјал ја задржува водата, па на него мувлата се развива со брзина на светлината.
Црна статистика
Се проценува дека непроветрениот стан и загадениот воздух во домот е број еден причинител за развој на болести во Европа. Научниците откриле изненадувачка поврзаност помеѓу изложеноста на загадувачи во затворените простории и кардиоваскуларните болести, а мноу истражувања потврдиле дека загадувањето на воздухот индиректно предизвикува и до два милиони смртни случаи годишно!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.