Daily news
Груевски: Нè малтретираат по неколкупати да одиме во суд
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, изјави дека изјавата на специјалната обвинителка Лиле Стефанова дека снимените телефонски разговори може да се менуваат и да се манипулира со нив е фрапантна.
„На судењето за патиштата имаше еден фрапантен момент каде што самата обвинителка јавно кажа дека постои можност разговорите да бидат манипулирани, односно дека може да се уфрлат детали во нив. Тоа е многу интересен детаљ што ги потврдува сомнежите што претходно беа зборувани. Да потсетам дека во согласност со член 12, став 2 од Законот за кривичната постапка, тие креирани материјали не може да бидат доказ во судска постапка“, рече Груевски.
Но, под притисок на властите, додаде тој, Апелациониот суд во август донесе спротивна одлука иако самите судии се свесни дека тоа е спротивно на законот.
„И покрај тоа што тие разговори ниту јас ниту другите обвинети не ги признаваат, нашите адвокати ги побараа да ги имаат и на сето тоа добија одговор дека не може да ги добијат затоа што ако ги добиеле, бранителите би можеле да уфрлат некои делови и со тоа да ги контаминираат. Јавниот обвинител рече дека разговорите може да се контаминираат, а тој ги има добиено од Зоран Заев, кој знае колку се контаминирани. Нè малтретираат да доаѓаме во судовите“, рече Груевски.
Тој рече дека против него се води еден вид политички прогон за постигнување одредени политички цели.
„Станува збор за едно силно малтретирање од Обвинителството, кое е политичко создадено. Ни ставаат по 2 рочишта на ден за цел ден да бидеме во суд, а кога станува збор за Зоран Заев, не може да почне неговото рочиште. Очигледно е дека судот е под таков притисок што кон нас постапува така за побрзо да бидеме осудени, а кон оној што во моментот е донесен да биде премиер, таму треба до бескрај судењето да се одложува и да заврши во негова полза“, рече Груевски.
Денеска во кривичниот суд беа одложени рочиштата за предметите „Траекторија“ и за насилството во Општина Центар, во кои е обвинет Груевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.