Daily news
Дали и понатаму го загревате моторот на автомобилот во место?
Зимското загревање на автомобилот пред поаѓање, е вообичаен ритуал за многу возачи, но од технички аспект кај многу современи возила, тоа е непотребно. И не само тоа, загревањето на моторот во место кога температурите на воздухот се многу ниски може дури и да штети на вашиот автомобил, објави Б92.
Кога температурите се спуштаат под нулата, како што е случај во последните денови, често во утринските часови се слуша звук на мотори од автомобили кои работат во лер. Експертите наведуваат дека се работи за стара навика која датира од времето кога сите автомобили имаа мотори со карбуратори. Тогаш загревањето на ниски температури на воздухот пред поаѓање на возилото имало смисла.
Денес сите понови модели имаат електронско вбризгување на горивото. Сензорите ја мерат надворешната температура и системот ја прилагодува работата, па се смета дека доволно е моторот да работи само 30 до 60 секунди пред да појде возилото. Потоа може да се почне со возење, бидејќи моторот побрзо ќе достигне работна температура ако возилото е во движење, отколку тој и понатаму да работи во лер.
Кога го загревате моторот во лер во тек на студени денови, не само што непотребно го трошите горивото, туку од одредени компоненти на моторот се пере маслото кое ги подмачкува подвижните делови и спречува нивно оштетување. Имено, бензинските мотори се движат на мешавина од воздух и распрнати честички на гориво кое испарува. Поради ниските температури во текот на зимата, бензинот побавно испарува, па автомобилот автоматски го компензира неговиот недостиг со вбризгување на повеќе гориво во мешавината.
Една од карактеристиките на бензинот е дека е добар растворувач, што доведува до тоа да го пере моторното масло од ѕидовите на цилиндерот на моторот, ако автомобилот во зима го загревате подолг период.
Навиката да го загреваме моторот на автомобилот во место датира од времето пред 80-тите години од 20 век и употребата на карбуратори. Потоа, наместо карбуратори, почнаа да се користат системи на електронско вбризгување на горивото, така да загревањето стана непотребно, па дури и штетно.
Инаку, покрај бучавата од звукот на моторот кој работи во лер, а која ќе ги вознемири вашите соседи, за животната средина многу се по опасни издувните гасови кои автомобилот ги испушта во тек на продолжена работа на моторот во место.
Постои уште една важна причина зошто го загреваме автомобилот пред да почне да се вози. Во текот на зимата попријатно ни е да седнеме во топла кабина отколку да се смрзнуваме во тек на возењето додека автомобилот не се загрее. Иако периодот потребен за загревање на патничката кабина кај современите возила е пократок од порано, а некои модели имаат и грејачи на седиштата, многу луѓе и понатаму возат постари автомобили кои побавно се затоплуваат.
Сепак, имајте на ум дека непотребната работа на вашиот автомобил во лер директно влијае на квалитетот на воздухот кој го дишете и дека е подобро малку да истрпите студ, отколку дополнително да го загадувате воздухот кој и така е со лош квалитет.
Што се однесува до замаглените и замрзнати стакла на возилото, секогаш можете прво да употребите магична крпа и стругач за мраз, пред доволно да се загрее воздухот од вентилациониот отвор и да ја доврши работата./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.