Рокот за поднесување собрани потписи за независни кандидати за градоначалници и членови на Совет истече на полноќ, но Државната изборна комисија се уште ги пребројува. Конечен список од ДИК најавуваат за попладне.
„Ни пристигна обемен материјал. Колегите се уште работат на пребројување. Попладне јавно ќе ги соопштиме сите кандидати за градоначалници и членови на Совет пристигнати во законскиот рок“, велат од ДИК.
Според изборниот законик независните кандидати беа обврзани да соберат 100 потписи од запишаните избирачи во општина со 10.000 жители, 150 потписи во општина до 30.000 жители, 250 потписи во општини до 50.000 жители, 350 потписи во општина со 100.000 жители и најмалку 450 потписи во општина со над 100.001 жител.
Независните кандидати за Град Скопје, според изборниот законик имаат обврска да соберат најмалку 1000 потписи од запишаните избирачи.