Daily news
(Видео) Димитров: Ако дојдеме до точка да се допре идентитетот – нема да има решение
„Ако дојдеме до точка да се допре идентитетот – нема да има решение. Жално ќе биде ако две европски држави не се доволно големи за ова да го препознаат. Нацијата и јазикот не може да бидат предмет на преговори бидејќи се резултат на историски процес. Прашањето е поголемо од мене и од преговарачите и од актуелните политичари“, порача шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, на заедничката прес-конференција со медијаторот Метју Нимиц.
Според Димитров, прашањето за името е исклучитено чувствително за граѓаните на Република Македонија. „Некои го гледаат со големо внимание, загриженост, а други со гнев. Ние како Влада имаме целосно разбирање за ова бидејќи сакаме ова прашање да го решиме на начин што и кај нас и кај нашите соседи ќе се смета за достоинствен. Имаме целосно разбирање за оние грчки граѓани што се идентификуваат како Македонци, но во Европа во 21 век не само нашите соседи туку и секој друг не може да го допре нашето право да бидеме Македонци и да го зборуваме македонскиот јазик. За да има решение, многу е важен процесот во кој ни помага Нимиц. Колку повеќе зборуваме за црвени линии во јавноста, толку повеќе се намалува шансата да најдеме решение прифатливо за двете страни. Од наша страна има волја, се надеваме дека ќе има и од другата за да се најде решение“, рече министерот за надворешни работи.
Според него, ако има достоинствен начин што ќе ги почитува ентитетите на двете страни, достинството на двете страни низ овој процес ќе се почитува. Но, можно е да нема начин. „Во однос на предлозите во Њујорк, разговараме многу детално, му кажав на медијаторот Нимиц дека има идеи кои не се така лоши, но и идеи кои и не се така добри и предизвикуваат загриженост. Медијаторот ќе ги каже следните чекори. Но, и врз она што го слушнал во Грција и во Македонија ќе видиме како ќе тече процесот понатаму“, потенцираше Димитров.
Според него, ова прашање не може да се реши ако една од страните се почувствува поразена. „Лесно е да се закопате во историските ровови, но време е регионот да оди напред. Историјата не можеме да ја менуваме, но можеме да ја креираме нашата иднина, која треба да биде заедничка и европска. Преку овој процес, ако сме мудри, можеме да научиме како да бидеме сојузници. Штом Република Македонија ќе се приклучи кон НАТО, ќе бидеме сојузници со нашите грчки пријатели. За мене овој процес претставува заеднички процес на растење и созревање“, вели македонскиот министер.
Тој додава дека има целосно разбирање за оние што се противат за постигнување решение бидејќи се работи за емотивно прашање, но се надева дека ќе се постигне решение што ќе овозможи двете страни да си подадат рака и од процесот да излезат со крената глава.
„Мислам дека ова е голема можност и за Атина. Ако Грција сака да има стабилен, демократски, пријателски сосед, време е да се отвори. Мораме да му дадеме шанса на процесот, иако многу е лесно да се биде отворен кон јавноста до крај, но тогаш се доведува во прашање и целиот процес“, рече Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.