Daily news
Дипломатскиот синдикат повторно предупредува за можни манипулации при распределбата на дипломати во странство
Синдикатот на македонската дипломатска служба повторно предупредува дека со распишаните дваесетина интерни конкурси за распоредување на работа во македонските дипломатско-конзуларни претставништва, раководството на МНР се обидува да постави партиски кадри, како и дека тој потег е во спротивност со Генералното мислење на Антикорупциската комисија дека од денот на донесување на одлука за распишување на избори па се до изборот на влада постои „законска пречка да се врши распоредување и унапредување на лица вработени во органите на државната управа“.
Претседателот на дипломатскиот синдикат Сашко Тодоровски на „стоечка“ пресконференција пред влезот на зградата на МНР денеска изјави дека при распишувањето на конкурсите, надлежните направиле, како што рече, класичен коктел, односно од една страна за дел од местата се е според правилата бидејќи „таму доаѓа време за редовна замена на дипломатите“, но од друга страна на одредени и тоа особено важни места, се предлагаат партиски кадри кои би требало таму да „се згрижат’. Тодоровски потенцира дека такви се случаите со дипломатските позиции во Вашингтон, Лондон, Париз и во Мисијата во НАТО.
Претседателот на СМДС вели дека во време на политичка криза, нема потреба од испраќање на урегнтни дипломати во ДКП-а кои и онака се кадровски добро покриени и функционираат професионално и на високо ниво. Додава дека Синдикатот е заобиколен во постапката и предупредува дека тоа е дел од една смислена тактика за злоупотреба на дипломатско-конзуларните претставништва, која би можела да продолжи и во иднина.
Вчерашното соопштение од МНР пак, во кое беше истканато дека испраќањето на дипломатски преставници во македонските ДКП-а е согласно со законот го нарече „инфантилно и перфидно“.
ОД МНР инаку, токму реагирајќи на ставот на СМСД потенцираа дека конкурсите се во согласност со релевантна законска рамка а истата го опфаќа Законот за надворешни работи, одредбите содржани во Правилникот за упатување и сите други релевантни подзаконски акти. Притоа потенцираат дека „како досега, така и во иднина ќе се грижат за функционирањето во доменот на надворешната политика и заштита на националните интереси“, а преставниците на синдикатот ги дефинираа како „неколку лица кои со нескриени политички амбиции се затскриваат зад насловот Синдикат на македонската дипломатска служба“.
Драган Милосављевиќ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.