Daily news
ДЗС без подготвени тимови и механизација, а со опрема од ЈНА, требало да се справува со поплави и пожари, открива директорот Џафероски
Дирекцијата за заштита и спасување од институција за заштита на цивилното општество е претворена во руинирана установа, каде што не функционира ништо. Формирани, но неподготвени тимови, без механизација, распаднат систем на функционирање и опрема од осумдесеттите години, која била донација од ЈНА. Финансискиот извештај покажал дека оваа владина институција е должна 70 милиони денари, а буџетот за капитални инвестиции во последните 10 години е нула денари. Ова е состојбата за која сведочи новиот директор на ДЗС, Аднан Џафероски. Според него, како што вели, фрапантно и недозволиво е обична поплава, како што ја нарече онаа во Стајковци во 2016 година, да однесе 22 живота, а во тоа улога имала Дирекцијата, која ни одблиску не била подготвена за справување со катастрофи.
„Обична поплава во Стајковци во 2016 година однесе животи. Тоа не е феномен, обична поплава е. Феномен е универзумот. Институцијата е рунинирана, неподготвена, без тимови, без механизација, без спороведени обуки“, вели новиот директор Аднан Џафероски на брифинг со новинарите.
Постојните тимови, за кои директорот вели дека биле пред распаѓање, со малку членови, не функционирале, а никогаш не биле спроведувани ниту обуки за справување со катастрофи. Тимовите за брз одговор постоеле само на хартија. Џафероски вели дека во институцијата се прави попис, досега формирал 64 тима, а во идниот период ќе стави акцент и на нивната функционалност на која не се обрнувало внимание од претходниот директор Шабан Салиу.
„Започнавме да ангажираме професионалци од разни специјалности, со што ќе обезбедиме тимови направени според сите стандарди на ЕУ и кои ќе бидат подготвени за ангажирање и во меѓународни мисии. Го формиравме досега непостојниот главен штаб за заштита и справување, соствен од претставници на сите релевантни институции во државата. Овој штаб досега постоел само на хартија“, информира Џафероски.
Новиот директор на ДЗС, Аднан Џафероски, во натамошниот период ќе работи на подобрување на функционалностите на иснтитуцијата, но најави и нови вработувања бидејќи, како што вели, поставувани се кадри што не ги исполнуваат критериумите, а институцијата нема правен сектор.
К. Ландов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.