Daily news
Дуел на титаните во Минхен, Лестер гостува на Калдерон
Баерн и Реал, Атлетико и Лестер, односно Борусија и Монако, во среда, ќе ги одиграат своите први четвртфинални натпревари во Лигата на шампионите. Во вторникот, Јувентус стекна предност од 3:0 против Барселона, додека дуелот во Дортмунд, помеѓу Борусија и Монако, беше одложен за денеска, откако беше нападнат автобусот на фудбалерите на Борусија.
Баерн и Реал вечерва ќе се сретнат по 23-ти пат во европските натпреварувања. Дуелот на гигантите кои заедно имаат 16 европски титули ќе го обележи и дуелот помеѓу учителот, Карло Анчелоти и ученикот, Зинедин Зидан. Анчелоти како тренер, а Зидан како негов прв помошник во 2014 година од клупата го предводеа Реал до титулата во Лигата на шампионите.
„Ова ќе биде посебен натпревар за мене, бидејќи еден убав период од мојата кариера минав во Реал. Ако ме прашувате за Зидан, секогаш знаев дека ќе биде добар тренер. Беше извонреден фудбалер, но на време разбра дека тоа не е доволно за да се биде врвен тренер, поради тоа многу работеше на своето усовршување. Тој е харизматичен, играчите го почитуваат и тоа е најважно“, рекол Анчелоти.
Баварците викендов ја прегазија Борусија, во бундеслигашкото дерби (4:1), додека Реал во градското дерби со Атлетико одигра 1:1.
„Точно е дека во овој момент не играме на посакуваното, шампионско ниво. Но и во минатото ја кревавме формата во финишот на сезоната, се надевам дека истото ќе се случи и сега. Очекувам против Баерн, но и во наредните натпревари да одиграме најдобро. Против Баерн не очекуваат два тешки натпревари“, рекол крилниот напаѓач на Реал, Герет Бејл.
Инаку, традицијата е на страната на Баерн, особено кога мечевите се играат во Минхен. На девет натпревари, Баерн има девет победи и само еден пораз, а еден натпревар завршил нерешено. Сепак поразот добро го паметат во Минхен, тогаш Реал предводен токму од Анчелоти победи во Минхен со 4:0.
Двајцата тренер пред дуелот имаат проблеми во дефанзивата, Баерн ќе биде без Хумелс, а Реал без Варан и Пепе. Голем проблем за Баерн е и повредата на Левандовски, кој во понеделникот го повредил рамото, а Анчелоти рекол дека доколку не е целосно здрав нема да ризикува и да го стави во игра.
Атлетико, финалист во Лигата на шампионите во 2014 и 2016 година, на „Винсенте Калдерон“ ќе го пречека дебитантот Лестер, кој со пласманот во четвртфиналето го оствари својот најголем успех во европските купови.
Историјата вели дека Атлетико два пати бил подобар од Лестер во европските натпревари, во сезоните 1961/1962 и 1997/1998. Според прогнозите екипата на Чоло Симеоне е голем фаворит во овој двомеч.
„Нем да биде лесно. Мислам дека многу потешко играме против „помалите“ клубови, но нашите амбиции се да стигнеме до финалето“, истакнал левиот бек на Атлетико, Фелипе Луис, кој на последните три натпревари во Примера постигна два гола засвојот тим.
Лестер долго се мачеше оваа сезона, но новиот менаџер Крег Шекспир го стабилизира тимот, ја елиминира Севилја во осмина финалето, а во Премиерлигата победи на пет од шестте натпревари.
„Самодовербата ние зголемена, играме многу подобро. Нема да се предадеме против Атлетико“, порачал голманот на Лестер, Каспер Шмајхел, кој против Севилја во двете средби одбрани два удари од 11 метри, со што му овозможи на тимот да се пласира во четвртфиналето.
Дуелите во Минхен и Мадрид ќе започнат во 20:45 часот, а Борусија и Монако својот натпревар ќе го стартуваат во 18:45 часот. крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.