Daily news
Почна втората фаза од проширувањето на патот кон Теферич
Денеска почна втората фаза од проектот за реконструкција и проширување на дел од пристапниот пат што води кон рекреативниот центар Теферич. Во периодот што следува, во должина од 500 метри кон „Мариовска“, ќе биде поставен нов асфалт.
Градоначалникот на општина Кисела Вода и директорот на Скопскиот плански регион денеска на терен извршија увид во градежните дејства. Во првата фаза, која се одвиваше во текот на минатата година, беа опфатени 500 метри од црквата „Свето Преображение“ кон населбата Пржино.
-Ова е реализација на втората фаза на проширување на патот кон Теферич, која, освен проширувањето, ќе опфати и поставување нов асфалт, изработка на тротоар од левата страна и негово поплочување со бекатон-плочи, во должина од нови 500 метри. Минатата година ја реализиравме првата фаза, односно првите 500 метри, за што сакам да искажам голема благодарност на Центарот за развој на Скопскиот плански регион како носител на овој проект, кој, пак, беше инициран од страна на Општина Кисела Вода. Секако, сакам да упатам голема благодарност и до Општина Сопиште и Градот Скопје, кои ја дадоа својата поддршка за негова реализација. Сакам да им се заблагодарам и на граѓаните за трпението бидејќи и во моментов гледате дека овде има изменета регулација на сообраќајот. Затоа што, практично, ова е втор начин како да се дојде до Припор, до Сопиште и до другите населени места во Сопиште, освен преку главната сообраќајница „Христо Татарчев“ – истакна градоначалникот на општина Кисела Вода.
Додаде дека проектот предвидува и трета фаза, за која Општината ќе аплицира веќе в година, и која, ако повторно биде поддржана, ќе овозможи проширување на последните 300-350 метри од патот, а во согласност со проектот предвидено е и поставување осветление, за што в година треба да почне тендерска постапка.
– Вкупната вредност на втората фаза на проектот изнесува 6.650.000 денари, од кои 5.539.797,00 денари се обезбедени од страна на Министерство за локална самоуправа, т.е. Бирото за регионален развој во согласност со програмата за регионален развој, а Општина Кисела Вода од својот буџет кофинансира 1.100.000 денари. Скопскиот плански регион како носител на проектот досега преку Министерството за локална самоуправа, т.е. Бирото за регионален развој, има инвестирано речиси 11 милиони денари. Како што истакна и градоначалничката, не застануваме, планираме во 2018 година да аплицираме и за последната фаза, со што би се реализирала целокупната должина на проектот, односно би се финализирала реконструкцијата на оваа делница – изјави Розета Арсовска, директор на Центарот за развој на Скопскиот плански регион.
Градежните работи ги изведува фирмата „Фабрика Карпош“ АД Скопје и треба да завршат за 4 месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.