Daily news
Зошто се однесуваме чудно кога ќе се вљубиме
Сте се вљубиле и не можете да се концентрирате на секојдневните обврски, а самоконтролата ви станала мислена именка? Љубовта навистина влијае на вашата способност да се концентрирате на задачите, но и на вашето тело и на однесувањето.
Ако ви се случило покрај лицето кое ви се допаѓа да се чувствувате дека не можете да го контролирате своето однесување и дека не можете да владеете над себе, не сте единствени. Истражување покажало дека колку некое лице е вљубено, толку има полоши резултати на когнитивните тестови, има помалку самоконтрола, а способноста за концентрација е послаба.
Причината за тоа е што во таквите моменти мозокот е преокупиран со размислување за потенцијалниот партнер или партнерка, поради што настанува проблем за одредување на приоритетите.
Меѓутоа, тоа не е единствен начин на кој љубовта влијае на вашето тело.
Кога се наоѓате блиску до лицето кое ви се допаѓа, често се чувствувате необично смирено, освен ако немате некоја конкретна причина да бидете вознемирени. Причина за таквата смиреност е што крвниот притисок во друштво на лицето во кое сте вљубени е понизок. Ова чувство нема врска со тоа дали од неодамна сте во таа врска или подолго.
Во моментите кога љубовта цвета и сте вљубени до уши, склони сте кон расправии со истиот пол. Љубовта ослободува хормон вазопресин, кој прави лицата од ист пол да ги доживуваме како некаква закана, без оглед на тоа како се однесуваат. Причина за тоа е што инстиктивно се обидуваме да го одбраниме она што го сметаме за свое.
Можеби не сте забележале, но кога шетате со партнерот, одите побавно. Истражувањето покажало дека во романтичните прошетки со партнерот го забавуваме своето одење за седум отсто, а причината за тоа е едноставна, полесно се одржува блискоста и интимноста кога не брзаме. Впрочем, веројатно е и дека одењето го забавуваме за подолго да уживаме во друштво на саканото лице.
Кога поминуваме време со партнерот, дефинитивно е дека го менуваме своето однесување, макар и несвесно. Во друштво на лицето во кое сме вљубени, го менуваме дури и ритамот на дишењето, така што го синхронизираме со неговото. Иако истражувачите немаат објаснување за ваквото однесување, сметаат дека најверојатно несвесно се обидуваме да го имитираме партнерот.
И на крај, пеперутките кои ги чувствувате во стомакот навистина постојат! Истражувањето покажа дека во состојба на вљубеност можат да се препознаат четири различни активности во мозокот. Три мозочни активности предизвикуваат чувство на емоционална возбуда, додека четвртата активност навистина делува на вашиот стомак, правејќи да ја чувствувате таа слатка напнатост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.