Daily news
„Крајот на времето“ на Манчевски награден во Чешка
Краткометражниот експериментален филм на Милчо Манчевски „Крајот на времето“ е награден на меѓународниот фестивал во Јихлава, Чешка. Филмот е прикажан во програмата „Фасцинации: вселени“, која фестивалот ја опишува како „голема фабрика за експериментално правење филмови каде филмовите кои се базирани на стварноста се ослободуваат од се’ што им тежи и каде значајно се шират можностите на кинематографскиот израз“.
Во образложението за наградата, жирито вели за филмот на Манчевски: „Во рамките на неколку минути филмот прикажува момент од секојдневната стварност кој трае само неколку секунди и со тоа отвора прозорец кон мнозина скриени детали кои го слават животот. Жирито ги цени директниот пристап на режисерот и неговата способност да изгради тензија во навидум безвременската атмосфера на улица во Куба. Микроприказните откриени низ разнослојно забавено движење на сликите претставуваат мали чудесии кои ѝ избегнуваат на нашата перцепција во стандардното течение на времето“.
Во рецензијата на филмовите од фестивалот, канадскиот режисер на експериментални филмови и критичар Мајк Хулбум пишува: „’Крајот на времето’ растегнува еден миг на сончево кубанско попладне. Делови на сликата се замрзнати, додека други се интелигентно исечени и забавени, и се движат по позадината или чекаат. Како во најраните мигови на кинематографијата, нема една фокална точка. Вниманието на гледачот е поттикнато да талка по сликата, небаре нашата потреба по херои или предмети за тестирање сѐ уште не е неопходна. (Угнетувањето мора да било полесно тогаш.) Студија на секојдневниот живот и на скришното избавување кое чека скришно, додека никој не гледа. Прослава на заедништвото и проток на истото попладне кој тече низ секое од нашите тела“.
„Крајот на времето“ е кубанско-американска ко-продукција по сценарио и режија на Милчо Манчевски, експеримент кој тој го сними во Куба додека предаваше на кубанската државна филмска академија минатата година. Иако во филмот не учествува македонската држава (преку Агенцијата за филм), во филмот учествуваат Мишо Ристов како автор на вузелните ефекти и Игор Василев Новоградска како автор на тонскиот дизајн и на музиката. Директор на фотографијата е Ален Лопез Мартинез, монтажерка Кристина Поженел, а колорист Мајкл Двас.
Филмот е веќе прикажан на дваесетина фестивали, и освои награда во Аспен, Колорадо. „Крајот на времето“ беше прикажан и на отворањето на овогодишното издание на фестивалот „Браќа Манаки“ минатиот месец, како и на манифестациите „Култиватор“ во Кино Карпош и „Читај, бе, братучед, читај!“ на Букстар. Откупен е за светска дистрибуција, а од идниот месец се прикажува во Јапонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.