Daily news
МВР: До 14 часот 26 пријави за нарушување на изборниот процес
Од Министерството за внатрешни работи соопштуваат дека до 14 часот може да се констатира дека нема регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на изборите и додаваат дека досега се примени 26 пријави поврзани со изборите.
„Сумирано, во периодот до 14 часот примени се уште 19 пријави по однос на изборни нерегуларности (поткуп на гласачи, носење гласачи на избори, фотографирање гласачко ливче, како и гласање за друг), што севкупно со пријавите заклучно до 11 часот изнесуваат 26 пријави, а евидентирани се и уште 10 прекини на гласање на одделни избирачки места каде што по консултации и краток застој од 15 до 20 минути гласањето е продолжено“, велат од МВР.
Оттаму додаваат дека од досегашните активности по пријави од граѓани – осум пријави се веќе расчистени (две во Радовишко, четири во Валандовско и две во Струмичко) и тие се отфрлени како неосновани.
„Потоа, во два случаја идентификувани се лицата за кои се однесуваат пријавите и се работи на целосно расчистување на тие пријави. Во еден случај, во Струга, идентификувано е лице по однос на пријава за поткуп на гласачи и се прават консултации со надлежен jавен обвинител при ОЈО Струга, а во Кавадарци едно лице е лишено од слобода (гласал и во име на својата сопруга) и се работи на расчистување на случајот“, додаваат од МВР.
Тие наведуваат дека во врска со нарушениот јавен ред и мир во близина на ОУ „Петар Здравковски-Пенко“ случајот е расчистен, а против лицата Г.Н. (32) и Г.Т. (48) ќе бидат поднесени прекршочни пријави.
„Покрај ова, ПС Кочани поднесе кривична пријава против лицето С.А. (36) од Скопје поради постоење основано сомнение дека сторила кривично дело поткуп при избори и гласање. Пријавената на 14.10.2017 година околу 13часот отишла во домот на В.Р. од Кочани и ѝ понудила 1.000 денари за да гласа за одредена политичка партија на локалните избори ветувајќи ѝ и друга лична корист со образложение дека имала добри врски во Скопје и луѓе на функција, со намера да ја придобие да го изврши избирачкото право во полза на политичка партија. Инаку, евидентирана е и една кражба на избирачко место во Шуто Оризари во ОУ ’26 Јули’. Имено, во периодот од 6 до 9.30 часот на избирачкото место 2957 непознат сторител од чанта на оштетената Ј.И. (службено присутна на тоа избирачко место) одзел паричник во кој имало 1.200 денари и други лични документи и платежни картички на оштетената. Се работи на расчистување на случајот“, се вели во соопштението од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.