Daily news
„Мешаѓи“ бара да престане политичката злоупотреба на децата на изборите
Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ реагира поради злоупотребата на децaта во политички цели и нивно присуство на митинзи на политичките партии.
„По повод многуте обраќања и жалби од граѓани за политичка злоупотреба на децата пред локалните избори од речиси сите политички партии, Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ повторно ги повикува политичките партии да ги поштедат децата од какво било инволвирање во политичките кампањи и политички маркетинг, без разлика дали се работи за носење деца на митинзи, облекување во обележја од одредена политичка партија, користење деца за делење летоци или лепење постери, сликање или користење детски мотиви, фотографирање со деца или снимање видеа со деца… за да се добијат повеќе гласови. Тоа не смее да си го дозволи ниту еден политичар или кандидат за изборите.
Политичка злоупотреба на децата подразбира политичка присила и организирање на децата како инструмент за политички притисок. Да потсетиме дека детето не е објект на кој возрасните ќе му кажуваат што да прави. Детето е рамноправен граѓанин како и сите други и така треба да биде третирано.
Како рамноправни граѓани на оваа држава децата имаат право да бидат информирани што се случува во државата затоа што ова прашање директно ги засега и можеби повеќе и од сите нас возрасните бидејќи иднината на земјава останува на нив. Но, носењето и учеството на деца како декор на настани со партиска заднина и агенда е политичка злоупотреба на децата за партиски цели. Не дозволувајте децата да бидат предмет на манипулација. Покрај тоа, носењето деца на партски митинзи може да биде трауматично искуство за нив, особено поради вообичаениот фолклор: собирање во толпа, викотници, присуство на вооружени полицајци, голем број непознати луѓе одеднаш, говор на омраза, навреди, омаловажување, поттикнување нетрпеливост.
Затоа, бараме од политичките партии, кандидатите на локалните избори за советници и градоначалници, родителите, старателите, да ги почитуват законите и Конвенцијата за детските права.
,Децата се посебен народ. Децата не се национални и верски војсководци. Тие се народ што никогаш не извел револуција или контрареволуција ниту, пак, повел војна. Децата не се ни класно ни национално прашање: децата се прашање над сите прашања. Тие се народ што најмногу страда во воените судири и човековите трагедии. Децата се само деца“, стои во соопштението на „Меѓаши“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.