Daily news
МТСП презема итни мерки за подобрување на состојбите во Специјалниот завод „Демир Капија“
Министерството за труд и социјална политика известува дека се одржа состанок на работната група за дефинирање на Акцискиот план за итни мерки за подобрување на состојбите во Специјалниот завод „Демир Капија“.
Како што соопштија од Министерството, на средбата детално се разгледани сите итни мерки од акцискиот план што се однесуваат на подобрување на состојбите во Специјалниот завод „Демир Капија“, подобрување на условите за престој на корисниците преку почитување на основните човекови права, зголемување на нивната мобилност, пристап во работата со крајните корисници, како и идните чекори во оваа насока. Претставниците на агенциите на Обединетите нации, како и претставниците на Делегацијата на Европската Унија, ги образложија своите активности во поддршка на итниот план, а дополнително министерката за труд и социјална политика ги претстави краткорочните и среднорочните приоритети на МТСП:
Договорена е забрана за нови сместувања во институциите што згрижуваат деца/лица со попреченост (која е веќе на сила);
Во текот на наредните две недели центрите за социјална работа треба да направат индивидуална проценка на сите деца кои се сместени во институциите и да подготват индивидуален план за секое дете;
Да се предвидат волонтерски тимови од граѓанскиот сектор кои ќе помогнат во работењето и подигнувањето на стручните капацитети на Специјалниот завод „Демир Капија“;
Ќе се овозможат тренинзи за стручните лица кои работат во Специјалниот завод, а кои се однесуваат на подготовка на планови за трансформација и за обезбедување услуги во локалната заедница;
Итно подобрување на хигиенските услови и здравствената нега во установата;
Ќe се поддржи регионална соработка со државите и стручните лица од институциите од балканскиот регион;
Ќе се поддржи отворање мал групен дом за децата кои се сместени во „Демир Капија“, во насока на нивно деинституционализирање;
Ќе се организираат работни средби на меѓународните агенции ЕУ и МТСП на техничко ниво, со цел да се операционализираат сите активности и да се поделат улогите во процесот;
Ќе се организира донаторска конференција за Специјалниот завод „Демир Капија“
На состанокот, со кој раководеше министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, присутни беа и координаторот на ОН во земјата и постојан претставник на УНДП, Луиза Винтон, постојаниот претставник на УНИЦЕФ за Македонија, Бенџамин Перкс, претставникот на Делегацијата на ЕУ, Нафи Сарачини, Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права и претставникот на проектот финансиран од страна на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Владимир Крстевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.