Daily news
Несторовска: За успешна борба против криминалот и насилството потребна е соработка

„Размената на податоците и сознанијата, особено на оние кои се однесуваат на видот, типот и балистичките карактеристики на оружјето е важна алка при откривање на сторителите на вооружени насилства. Успешната борба против овој облик на криминал бара надминување на тесните национални граници на државите и нивните можности, особено во поглед на контролата на оружјето. Соработката е насушно потребна, пред сè ако ги имаме на ум сериозните терористички напади со кои се соочува европското тло во изминатите неколку години“, истакна државниот секретар при Министерството за внатрешни работи, Магдалена Несторовска, во своето обраќање во рамки на Осмата регионална конференција на националните коoрдинатори за мало и лесно оружје што во изминативе два дена се одржа во Скопје.
Несторовска, нагласувајќи го очекувањето за поактивно споделување на стекнатите сознанија, како и практичните и теоретските информации за сите аспекти од употребата и чувањето на оружјето, посочи дека само на тој начин, директно и заеднички, ќе се придонесе кон подигање на нивото на општата безбедност како во сопствените земји така и безбедноста на регионот, воопшто.
„Заложба на Владата на Република Македонија и на Министерството за внатрешни работи е да работи на подигање на нивото на безбедност на граѓаните во државата, што нужно условува превенција, контрола и искоренување на пролиферацијата на нелегалното оружје, во согласност со релевантните и меѓународните иницијативи, стандарди и документи за контрола на оружјето и муницијата“, потенцираше Несторовска.
Според неа, „во остварување на оваа заложба, прва и можеби најважна работа е подигање на свеста на јавноста. Потребно е отворање на широк фронт на субјекти вклучени во реализација на оваа заложба почнувајќи од најмладите преку концепирање на посебни програми во нивните социјални и образовни установи, преку осмислени и координирани активности на мноштвото државни органи и установи, во соработка на невладиниот сектор, во рамки на меѓународните иницијативи и меѓународните организации“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Бислимовски – Лорковски: Реформите во енергетиката мора да продолжат

Претседателот Марко Бислимовски, заедно со членовите и раководителите на секторите на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) остварија средба со Артур Лорковски, директорот на Енергетската заедница.
Реформите во енергетиката мора да продолжат, континуитетот е клучен – фокусот да се задржи на активностите поврзани со интегрирање на пазарите за електрична енергија, нивна транспарентност и интегритет, како и неопходните реформи на пазарот со природен гас, што ќе обезбедат фер пристап за сите учесници, согласно новите европски мрежни правила – се сложија соговорниците.
Претседателот Бислимоски му се заблагодари на директорот Лорковски за позитивниот наратив за работата на РКЕ при презентацијата на Извештајот за имплементација на законодавството на Енергетската Заедница за 2024 година за државава во Собранието.
„Во очекување на новиот Закон за енергетика, РКЕ во соработка со Министерството за енергетика континуирано работи на подготовка за имплементација на новиот енергетски пакет. Интегрираниот пристап помеѓу сите чинители досега покажа дека е клучен за квалитетна и успешна регулатива, која ќе биде основа за развој на енергетските пазари . Капацитетите со кои располагаме, професионалниот тим кој се гради со години наназад и овој пат може да одговори на сите предизвици кои претстојат. “ изјава Марко Бислимоски, претседател на РКЕ
Лорковски посочи дека Енергетска Заедница ќе остане партнер во понатамошните процеси и дека стојат на располагање за поддршка во делот на креирање на подзаконските акти, откако ќе се донесе новиот закон за енергетика. Процесот на транспонирање на ЕУ правилата е клучно за да осигура работата на РКЕ за стратешките прашања поврзани со обезбедување на сигурна, стабилна и континуирана испорака на енергија.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него

Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото

Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.