Daily news
Нова едиција „Басни од Македонија“ – волшебни народни приказни во модерно издание
По големиот успех на едицијата „Бајки од Македонија“, Движењето за поддршка на креативноста, Иво Лауренчиќ „Браво сине“ и издавачката куќа „Арс ламина“ издадоа нова едиција „Басни од Македонија“. Едицијата е составена од басните „Кучето и зајакот“, „Лакомата мечка“, „Војската на лавот“ и „Жабата и глушецот“, басни од усното народно творештво, собрани од Марко Цепенков.
Креативните илустрации за басните од Македонија ги изработи Катерина Николовска, која работеше и на илустрациите за едицијата „Бајки од Македонија“, а нејзините илустрации беа избрани на јавен конкурс.
Еден од главните приоритети на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ „Браво сине“ е традиционалните вредности да ги преточи во модерен производ со автентичен печат. Истовремено, еден од главните стремежи е во текот на нивната изработка да им даде шанса на млади талентирани луѓе од Македонија. Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ „Браво сине“ обезбедува и парична награда за авторот или за групата автори на креативните концепти, кои се избираат на јавен конкурс.
„Нашиот втор проект, ’Бајки од Македонија‘, беше одлично прифатен и покажа дека читателската публика, а особено најмладите, сакаат квалитетно четиво, што истовремено е и модерно и ги поврзува со културолошкиот код што го носиме сите ние како наследено од претходните генерации. Токму затоа решивме годинава да продолжиме во истата насока и годинешниов проект да ѝ го посветиме на најмладата публика, која е и најстрог критичар. Истовремено, продолжуваме со креирање можности за младите талентирани креативци кои на овој начин добиваат шанса да ги реализираат своите идеи“, изјави Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето.
Едицијата „Басни од Македонија“ е во издание на издавачката куќа „Арс ламина“ од Скопје, која беше издавач и на едицијата „Бајки од Македонија“.
„Како издавачка куќа, ние сме сериозно посветени на литература за најмладата генерација и се обидуваме на пазарот да пласираме содржини согласно најновите трендови што ќе го привлечат интересот, особено на денешните млади генерации, кои се навикнати на специфичен визуелен пристап. Искуството со едицијата ’Бајки од Македонија‘ покажа дека современата илустрација е соодветна и ја поттикнува фантазијата и желбата за читање на младата генерација, но и на сите љубители на пишаниот збор. ’Басни од Македонија‘ е повторно нова, свежа содржина што природно се надополнува во нашите цели и се надеваме дека младите ќе уживаат и во овие кратки приказни“, истакна Билјана Црвенковска, уредник во „Арс ламина“.
Билјана Црвенковска ги изработи и адаптациите на басните со што го приближи стилот на современите вкусови на читателите.
Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ „Браво сине“ во следниот период планира дополнително да ги развива едициите „Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“, отворајќи им дополнителна можност за нов креативен и мултимедијален пристап на младите креативци и ќе ги развива сè додека не станат препознатлив национален бренд. крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.